Нови дојави за бомби во 9 училишта, исто како вчера


Вчера првично имаше дојави за бомби во пет училишта, а потоа уште за во три. За сите дојави, како што информираше МВР, се утврди дека се лажни, откако завршија антитерористичките проверки во сите школи на чии мејлови беа упатени заканите за наводните бомби

Денеска повторно има дојави за бомби во девет училишта во Скопје и во моментов во тек е евакуација на учениците. Веста за „360 степени“ ја потврдија од МВР.

„Денеска во СВР Скопје околу 14 часот е пријавено дека на мејл адреси на осум училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземаат мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
изјавија од МВР.

Вчера првично имаше дојави за бомби во пет училишта, а потоа уште за во три. За сите дојави, како што информираше МВР, се утврди дека се лажни, откако завршија антитерористичките проверки во сите школи на чии мејлови беа упатени заканите за наводните бомби.

Првично, во МВР беа пријавени вакви дојави од пет гимназии во главниот град: „Раде Јовчевски Корчагин“, „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“.

Потоа стигнаа и дополнителни пријави за уште три други училишта.

Министерот за внатрешни работи Оливер спасовски денеска во интервју за МТВ рече дека истрагата за дојавите за бомби во скопските средни училишта е во тек, и дека се познати првичните информации од каде се испратени мејловите.

„Вчера имавме дојава во 9 училишта за наводно поставени бомби. Секако дека овие згради беа детално проверени од Одделот за антитероризам и утврдивме дека станува збор за лажни пријави. Истрагата е во тек, ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови. Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП-адреси од каде доаѓа овој, би рекол, монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да се игра со судбините на децата и на сите нас, ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија”, истакна министерот Спасовски и додаде дека пред неколку дена се случи лажна дојава во ЈСП Скопје, а сега се случува во училиштата и ако станува збор за некаква политичка пресметка, таа не смее да се прави врз грбот на граѓаните.

Back to top button
Close