(ВИДЕО) Снимка од акцијата за апсење на Македонецот кој организирал продажба на дрога во Австралија
Во текот на вчерашниот ден под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во Струга беше спроведена акција во која едно лице е лишено од слобода. Акцијата, како што информираат од Јавното обвинителство, е резултат на меѓународна соработка со Австралиската федерална полиција и полициските сили од Западна Австралија.
-Денеска предметниот јавен обвинител постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на Министерството за внатрешни работи донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против лицето поради постоење на основано сомнение дека сторило кривично дело Злосторничко здружување од чл.394 ст.1 и кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по чл.215 ст.1 од Кривичниот законик, се наведува во денешното соопштение од Обвинителството.
Оттаму посочуваат дека осомничениот во временскиот период од почетокот на август 2021 година до почетокот на септември 2021 година со цел неовластено купување, пуштање во промет и посредување во продажба на наркотична дрога – метиламфетамин и кокаин, создал меѓународна криминална група на која припадници станале петмина австралиски државјани кои дејствувале на територијата на Западна Австралија. Секој член на групата имал своја улога на купување, продажба, посредување во купопродажба, нудење на продажба и пренесување на наркотичната дрога, со цел понатамошна продажба.