АД Мепсо: Интензивни активности во ТС Битола 2 за намалување на ризиците од испади или дефекти
Во насока на искористување на добрите временски услови, деновиве во ТС Битола 2 се вршат засилени ремонтни активности согласно договорот за ревитализација на високонапонската опрема во оваа трафостаница. Овој проект опфаќа замена на 67 раставувачи на 400 kV и 110 kV напонско ниво, замена на 114 потпорни изолатори и поставување на 75 мерни трансформатори на 110 kV напонско ниво а во моментов се работи на реконструкција на 400 kV поле на енергетскиот трансформатор број 2, соопшти АД Мепсо.
Од компанијата посочуваат дека не е лесно во услови на кризи од секаков тип, да се држи чекорот со планираните инвестиции, но со нивната упорност, посветеност и труд и на изведувачот на проектот Далекувод од Загреб, во рок се завршени активностите на 400 kV полиња од ТС Битола 2 до ТС Мелити Грција, oд ТС Битола 2- ТС Скопје 4,oд ТС Битола 2- ТС Дуброво, oд ТС Битола 2- ТЕЦ Битола (Блок 3) и трафо полето ТР.1 ТС Битола 2-400/110кV.