Најмалку половина од средствата за кампањи од јавен интерес да бидат за локалните медиуми, смета Ковачевски


Кога се работи за кампањи на локално ниво, тогаш најмалку половина од средствата мора да бидат доделени за локални медиуми. Тоа е мојот став, вели премиерот
Премиерот Димитар Ковачевски порача дека објавувањето кампањи од јавен интерес во медиумите треба да биде без политичко влијание, а на локалните медиуми да им бидат доделени најмалку половина од средствата.

На новинарско прашање за предлогот за бришење на член 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а за кој во матичната собраниска Комисија за транспорт и врски пратениците од Левица доставија 1300 амандмани, Ковачевски рече дека какво и да биде решението, кампањите од јавен интерес треба да бидат без никаква можност за злоупотреба од која било политичка партија.

„Кај членот 102 имаше предлог од пратениците којшто требаше да го регулира објавувањето кампања од јавен интерес на масовни медиуми и тој закон беше предложен, меѓутоа се случи да има огромен број амандмани од партијата Левица. Од партијата Левица не можете да очекувате ништо друго освен класични популисти коишто никогаш немаат предложено ништо за граѓаните освен критика на она што се прави за граѓаните“,
рече Ковачевски.

Какво и да биде решението во случај Владата да преземе свој удел, дополни тој, тогаш она што ќе биде за масовните медиуми на државно ниво со национална концесија, без никаква можност за злоупотреба од страна на која било политичка партија, треба да важи не само на државно ниво туку и на локално ниво.

„Кога се работи за кампањи на локално ниво, тогаш најмалку половина од средствата мора да бидат доделени за локални медиуми. Тоа е мојот став“,

изјави Ковачевски кој беше на средба со тутунопроизводители во Прилеп.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се носи по скратена постапка, на предлог на пратениците Арбана Пашоли, Диме Велковски, Исмаил Јахоски, Коле Чаракчиев и Марија Георгиевска.

„Целта на законот е воведување начин на изборот на емитување на кампањи од јавен интерес со цел да се има поголема транспарентност при изборот како и почесто спроведување и емитување на истите со цел поголемо подигнување на јавната свест. Со предлог-законот се допрецизираат и одредбите за реемитување на програмските сервиси кои се однесуваат за регулирање на авторските и сродни права на територија на Република Северна Македонија. Со предлог законот ќе се овозможи поголема правна сигурност во однос на кампањите од јавен интерес и нивното емитување“,
стои во образложението на предлог-законот.

Во него е наведено дека Владата има обврска во текот на една календарска година да спроведе најмалку една, а најмногу четири кампањи од јавен интерес на централно ниво.

Со предложените измени се воведува и обврска државата и општините да имаат од една до четири јавни кампањи годишно кои ќе се емитуваат на комерцијалните радија и телевизии. Финансирањето на кампањите од јавен интерес се обезбедува од Буџетот во висина од задолжителни 0,1 отсто. Од нив, 80 отсто се наменети за кампањи од јавен интерес кои ќе се емитуваат само на национални телевизии, а останатите 20 отсто се наменети за регионалните телевизии и радијата на државно и регионално ниво.

Откако беа објавени предложените измени со реакција се огласи и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) која соопшти дека е крајно загрижена поради предлозите за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Според АВМУ, понудените решенија се проблематични од повеќе аспекти, почнувајќи од самото дефинирање на кампањите од јавен интерес, начинот на нивно спроведување, а особено, како што наведоа, нивното финансирање со средства од државниот буџет и од буџетите на единиците на локалната самоуправа.

Во сегашниот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како што укажа АВМУ, е предвидено дека кампањите од јавен интерес и апелите за добротворни цели се емитуваат бесплатно на програмите на радиодифузерите. Според стандардите, за кампањи од јавен интерес се сметаат исклучиво оние кои се однесуваат на теми од поширока општествена корист или алтруистичка цел (како безбедност во сообраќајот и на патиштата, граѓански должности, здравствени кампањи и така натаму), без разлика кој е нивниот нарачател.

Back to top button
Close