„Призма“: По Фетаи, се повлече и Рустеми – Хајрулахи без конкуренција за шеф на Вишото обвинителство
Ја повлеков кандидатурата затоа што сметам дека противкандидатот има поголеми шанси да биде избран за шеф, вели обвинителот Рустеми
Од тројцата кандидати кои сакаа да седнат на шефовското столче во скопското Вишо јавно обвинителство остана само еден – постојниот вршител на должност, Мустафа Хајрулахи, објави „Призма“.
Откако пред десетина дена се откажа обвинителката Фатиме Фетаи, барање за повлекување од изборот поднел вишиот јавен обвинител Бурим Рустеми, потврди за „Призма“ претседателот на Советот на јавните обвинители, Антонио Јолевски.
И Рустеми за „Призма“ кратко одговори дека ја повлекол кандидатурата.
„Ја повлеков кандидатурата затоа што сметам дека противкандидатот има поголеми шанси да биде избран за шеф на Вишото јавно Обвинителство“, рече Рустеми, кој инаку претходно работеше во СЈО.
Со новонастанатата ситуација, останува единствено кандидатурата на Хајрулахи да го менаџира Вишото обвинителство.
Досега имаше два обиди да се избере шеф на Вишото обвинителство во Скопје, но и на тоа во Гостивар, како и на неколку основни обвинителства во земјава.
Седницата на 14 ноември беше прекината бидејќи, според официјалното објаснување од советот, дел од досиејата на кандидатите стигнале доцна и членовите на Советот на јавни обвинители немале време да ги разгледаат. Продолжение беше закажано за една недела односно на 21 октомври.
Меѓутоа, во пресрет на продолжението Фетаи се откажа.
На 21 ноември, членовите на Советот повторно не избраа шефови на обвинителствата бидејќи отсутен беше републичкиот обвинител Љумобил Јовески, кој е член по функција, а тогаш беше хоспитализиран. Со оглед дека Советот не е комплетен, без Јовески Советот го немаше потребниот кворум од осум членови за да може да врши избор.