ХИСТЕРИЈА МИСТЕРИЈА
Извинете што ја вознемирувам јавноста, ама ако смее да прашам, кога трошите пари од даночните обврзници, за колку пари смее да се прашува? Редно е да се постави лимит, за премиерот Димитар Ковачевски да не ги обвинува новинарите дека шират хистерија само за милијарда и триста милиони евра. Вели: „Цел ден се шири некаква хистерија и од проект од кој што имаме 1,3 милијарди евра проект, со обезбедено буџетско финансирање, со поддршка од Соединетите Американски Држави, а кај нас главна тема е дали некој, некаде, во некоја друга држава, имал кривична пријава.“
Ајдеее, сега ни за тоа како ќе ги трошат нашите пари не смее да се прашува, оти ќе го поткопаме стратешкото партнерство со САД. Ако зборуваш против внесувањето на Бугарите во Уставот – тогаш си против ЕУ. Ако прашаш дали домаќински ќе ги трошат буџетските пари за автопатиштата што ќе ги гради американско-турски конзорциум, тогаш си против САД. Не прашувај за пари да не ја загрозиш евроатлантската перспектива.
Американската амбасадорка Ангела Агелер не беше на потпишувањето на договорот за изградба на четири делници од автопатишта за да им даде поддршка на Димитар Ковачевски и на Артан Груби, туку да поддржи значајна американска бизнис зделка. Сликата со американската амбасадорка не може да ѝ биде алиби на Владата ако го утнала изборот на надзорот. Каква врска има американското стратешко партнерство со изборот на фирма за надзор во која еден од сопствениците бил обвинет за измама во Ерменија? На крајот на краиштата, американската амбасадорка си ја завршила работата за која е платена – промовира американски бизнис интерес, тој бизнис плаќа данок на американската држава, од тие пари и таа зема плата. Ние прашуваме дали премиерот и вицепремиерот си ја завршиле работата за која ние им даваме плата. Што е тука хистерично?
Така што, џабе ви се евроатлантските и геостратешки приказни кои ги продавате на новинарите потсмевајќи им се – еххехе, види какви глупави прашања поставуваат. Нема глупави прашања на темата – пари.
Впрочем, никој не прашува колку и на што ќе ги потроши премиерот парите од неговата плата и од платата на жена му овој викенд. Никој не прашува ни колку платил вицепремиерот. Артан Груби за вратоврската и чорапите што ги бирал внимателно за да му бидат дизајнерски усогласени. Прашуваме како ќе ги трошат нашите заеднички пари. Зборуваме за милијарда и триста милиони евра. Најмалку, оти сигурно ќе бидат и повеќе. Зборуваме за пари што треба да ги менаџира претпријатие за државни патишта со директор од ДУИ, кое не е способно ни тревата околу рабниците на сегашните автопатишта да ја искоси, ни ѓубрето да го собере, ни заштитната мрежа да ја обнови.
И еве, уште еднаш се извинувам на јавноста, ако 1,3 милијарди евра е недоволна сума за „цел ден дигање хистерија“
Целата колумна на Горан Мохајловски на СДК МК






