Зеленски: Русија во моментов нема предност на фронтот во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија во моментов нема предност на фронтот во војната во Украина.
Тој рече дека ситуацијата на линијата на фронтот е сложена, но под контрола – пренесуваат британските медиуми.
На заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Берлин Зеленски го повтори повикот за дополнителни испораки на системи за воздушна одбрана за заштита на украинските градови далеку од линијата на фронтот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ѝ вети на Украина дополнителна помош и поддршка во снабдувањето со енергија во текот на зимата, предупредувајќи дека Русија ризикува понатамошна ескалација на конфликтот и предизвикување глобална криза со храна поради нејзините напади во Црното Море.
„Со своите напади во Црното Море, Русија ризикува понатамошна ескалација“, рече Мерц.
По средбата тој рече дека Украина сè уште може да смета на Германија нагласувајќи дека војната директно влијае и на Германија и дека поддршката на Украина е во интерес на Германија и Европа.
Мерц објави дека самитот „Коалиција на подготвените“ ќе се одржи во Берлин, подоцна овој месец.
Тој изјави дека Русија предизвикува глобална криза со храна, на штета на најсиромашните нации и земји во светот и дека последиците би можеле да бидат глобална криза со храна.
Зеленски денеска ќе се сретне и со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и претседателката на Бундестагот, Јулија Клекнер.
Украинскиот лидер ќе учествува и на Берлинската безбедносна конференција каде што ќе се соберат претставници на одбранбената индустрија, воени експерти и научници.
Предвидено е повеќе од 140 учесници да зборуваат на повеќе панели за воените закани и безбедносната состојба.
Посетата на Зеленски не беше претходно најавена од безбедносни причини, а поради неговото пристигнување во Берлин се зголемени безбедносните мерки. Делови од реонот каде се наоѓа германската влада се затворени, распоредени се дополнителни 3.400 полицајци и распоредени се специјални полициски единици.






