Орбан изјави дека одбил да соработува со комунистичките тајни служби на Унгарија

Поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан денеска изјави дека комунистичките тајни служби во земјата се обиделе да го регрутираат како доушник додека служел редовен воен рок, но дека тој одбил да соработува, поради што подоцна бил изложен на интензивен политички прогон.

Оваа изјава Орбан ја објави на Фејсбук, приложувајќи документи од 1982 година и од крајот на 1980-тите, во пресрет на утрешниот почеток на декласификацијата на илјадници полициски досиеја од социјалистичкиот период и нивно објавување во јавна интернет-база на податоци.

„На почетокот на воениот рок се обидоа да ме регрутираат, но јас одбив, па обидот беше неуспешен. Подоцна, јас, мојата сопруга и моите соборци дисиденти бевме под постојан надзор. Сите бевме предмет на истрага на тајниот партиски апарат, напиша Орбан.

Тој додаде дека сочуваните документи покажуваат оти меѓу нив биле инфилтрирани доушници, а уреди за прислушување биле поставувани на нивните работни места, во домовите, па дури и во спалните соби.

Власта на Орбан заврши во април годинава по победата на десноцентристичката партија ТИСА на парламентарните избори, предводена од актуелниот премиер Петер Маѓар. Утрешното отворање на архивите на унгарската државна безбедност за периодот од 1956 до 1989 година, во кои се наоѓаат најмалку 55.000 соработници, беше едно од клучните изборни ветувања на Маѓар, овозможувајќи им на граѓаните целосен пристап во процесот на соочување со тоталитарното минато.

Иако комунистичкиот режим падна во 1989 година, Унгарија досега не ги декласифицираше досиејата поради недостиг на политичка волја кај претходните влади, па граѓаните можеа да побараат пристап само до сопствените или досиејата на блиски роднини.

Back to top button
Close