Стечајна постапка на Еуростандард банка или Шведска маса

Почитувани читатели, денес во мојата колумна посебно ќе се осврнам на стечајот во Еуростандард банка, воден од стечајниот судија, стечајниот управител и Одборот на доверители.

Ќе го повторам мојот заклучок:

Еуростандард банка беше однесена во стечај по диктат на сивата еминенција, која за жал владее во Република Македонија. Зошто токму Еуростандард банка отиде „курбан”?

Стручниот извештај, финансиран од моја страна, за стечајот на Еуростандард банка изработен од еминентната ревизорска куќа Р.У.Р. од Словенија, на чело со Драго Кос, укажува на многу незаконски дозволени трансакции кои непречено се одвивале, а убеден сум дека и денес се одвиваат во севкупниот банкарски систем на Република Македонија. Тоа е така-наречениот систем на позајмици на несолвентни и некредитно способни правни и физички лица. Овој извештај беше објавен на 22 август 2022 година. Жално е што ниту една институција за прогон не реагираше после ваков аргументиран извештај. Молкот, општо присутен од денот на носењето на Еуростандард банка во стечај па до ден денешен, царува.

Пропустите при носењето на Еуростандард банка во стечај се многукратни, почнувајќи од Техничката Влада, Народна банка, Собрание на РМ, судство, обвинителство и финансиска полиција.

За сите погоре наведени институции детално пишував во моите неделни колумни.

Акцентот на денешната колумна ќе го ставам на стечајниот управник и одборот на доверители.

По обзнанувањето дека Еуростандард банка се води во стечај, во истиот момент се делигира стечаен судија, стечаен управник и се оформува Одбор на доверители. Промената на стечајните судии и стечајните управители станува дел од веќе видено клише, кога во стечајната маса имате многу пари, ама не нивни, туку туѓи пари со кои си прават стопанисување и крчмење на туѓ имот. Покрај месечните надоместоци, стечајните управници се повластени да добијат и посебни награди во висина од неколку стотици илјади евра.

Нетранспарентноста во водењето на стечајната посапка е видлива. Законот за стечај се применува на начин кој што ѝ одговара само на сивата еминенција. На сивата еминенција никако не ѝ одговара трагањето по одлеаните средства од банката за да се допре до крајниот примател на овие средства. Во многу случаи крајните приматели на овие средства се веќе ликвидирани фирми и токму тука е вистинската улога на стечајниот управник, дали трагањето ќе го прекине или пак ќе продолжи консеквентно да се дојде до крајниот корисник.

Токму овој дел од законот за стечај е најпроблематичен. Немам информации, но чувствувам дека тука запира истрагата. Од друга страна насобраните пари во стечајната маса, по желба на стечајниот управник се делат на правни и физички лица. До денес немаме точна сума колку вкупно средства се собрани во стечајната маса на Еуростандард банка во стечај. Информациите кои допираат до мене говорат дека и денес, после скоро три години од стечајот на Еуростандард банка, на неделно ниво се собираат неколку стотици илјади евра. Нетранспарентноста во водењето на целата стечајна постапка има само една цел, а таа е да се покрие криминалот во целиот процес.

Како може да се објасни фактот што цели три години имаме огромно стечајно тело кое се плаќа од насобраните средства од стечајната маса и згора на тоа се делат посебни финансиски награди? Како може да се разбере фактот што главната централа на Еуростандард банка во центарот на Град Скопје е поттценета во самата проценка, а во третиот и последен тендер за нејзино оттуѓување е понудена цена за 25% помалку од потценетата цена од страна на Одборот на доверители? Дали ова значи дека во стечајната маса се собрани пари за подмирување на сите правни и физички лица, коминтенти на банката и дека тие средства мора да се раскрчмат со цел да се покаже дека стечајот бил оправдан?

Почитувани читатели, пишував, пишувам и ќе пишувам во иднина. Мојата мисија не е да го решам само сопствениот проблем, туку да помогнам на ваквите криминогени дејности да им ставиме крај. Ваквиот принцип кој дозволува државата да си ги јаде своите деца , ќе ја доведе државата на питачки стап. Пред неполни три години јас бев ставен на отстрел. Во меѓувреме беше ставен на отстрел и господинот Минчо Јорданов со своите фирми. Денес на отстрел е и приватната клиника Жан Митрев. На ,,шведската маса” се помалку сервирани деликатеси и вкусни залаци… Прашувам, кој е следниот?

Трифун Костовски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close