Еве (конкретно) како постанавме скапа(на) држава !?

Има еден скеч (архаичен израз за комедија, или пародија) со Цацко и Миле Паника, каде, султанот (Цацко), во присуство на својот везир, поставува министери, онака – од око! При секој обид на везирот да го вразуми, султанов само вели – сус (бре ѓаур!).

Новите министри султанот ги испраќа – гит(ла), а везиров го прашува: батка, да не ја измешавме работава?

-Сус бе! Да не сме ја измешуеле, ниту ти везир би постануел, а, ниту јас султан би остануел!

Скеч држава, нели? И после, Цацко ни е виновен!

Голема работа, избрале келнер за директор на Железницата!? Овие критичариве и децава што знаат што е железница? Кога виделе салонски воз “Ориент Експрес”?

А, што да постават? Сообраќаен инжињер, ли? И што ќе прави тој? Кој ќе ги опслужува патниците при цел ден патување, од Скопје, виа Велес, до Битола?!

Овие, критичариве, не слушнале за кондуктерот од Прилеп кој “војводите” го избраа за градоначалмник. Колај работа, за се има решение. Го седнаа на бирото во кабинетот, поставија двајца, од двете страни на бирото по цел ден го нишкаат, и ете: може градоначалникот – кондуктер, да потпишува решенија.

За се има решение!

Шегата настрана, времињата се сериозни за да се шегуваме. Еве малку сериозност. Воопшто не е смешно, затоа што е трагично.

Во еден град на султанијава наша, имаше едно модерно, со европски предзнак, јавно претпријатија за водоводни и канализациски услуги на граѓаните, демек “про – аква”!

Социјалистите на Sинго, нашиот Бабо (Фикрет Абдиќ од Кратово), за помладите – другар му на Латас од канабето кај вождот – Слобо Милошевиќ, за градоначалник поставија стар, колишевистички кадар, паша од нашиов султанат.

Пашата да ти бил од младотурците, стар со години, ама со млада памет. Ги збра под еден покрив сите работници и службеници од водостопанството, во едно, демек “про – аква” јавно претпријатие. Постави и соодветен директор, градежен инжињер, кој направи фирма за пример.

Арно, ама едноумието, брзо постана разноумие, а уште побрзо – безумие!

Се јавија многу “маткачи”! За да не разберат помладите: во едноумието, имаше една убава фирма, со уште поубаво име – “Лихнида”. Дошол другарот Колишевски, ги собрал сите директори, да му реферираат за кадровскиот состав на тогашните претпријатија, со “озетињата” и “клозетињата” на другарот Едвард Кардељ, титов соборец, кого кај нас, на село, го викаа Едвард Крадел, со сопругата Пепца, кај нас, Непца Кардељ!

Овој од “Лихнида”, наведува се “по списку”, толку трудбеници – непосредни производители, толку пластичари, толку еластичари, толку службеници и, на крајот, вели – “уште толку и толку маткачи”?

Е, што професија ти се овие “маткачиве”?

-Тоа се, оние, испратени од Комитетот, од Социјалистичкиот сојуз, од Младината, од Борците, од….Им велам, а бре луге, не ја бива работава, што да им правам, каде да ги седнам?

-Ајде, бе, види таму, нека са маткаат некаде!!!

Ете, денешново безумие, си имало свое, наследено едноумие.

На пример, во водостопанството, во едноумието, имало стотина вработени. Арно, ама, “маткачи” испратени од Ве-Ме-Ре-То, маткачи испратени од Се-Де-Се-То, по некој коалициски маткач и оп – стотката стигна до петстотка!

Ако железничар може да биде келнер, а протетичар со два реда заби- министер за здравство, зошто водоводџија би морал да биде некој хидро експерт. Какви инжињери, какви бакрачи! Кај да е, за година две, во пензија заминуваат и последниот ходро инжињер и последниот хидро-техничар!!!

А, за да не се сетат Власите, единственото, демек проевропско и “про-аква” јавно птретпријатие, го расцепкаа на неколку делови. Кај да е, пак ќе ги спојуваат накотените “маткачи”, во две книговодства, во две администрации….

Не се секирајте, тука е народот сето тоа “да го позлати!”. Кој коњ ќе го фатат, тој ќе го врши житото! Бидејќи се монопол, за услуги од водовод и канализација, цените се до небо кренати. Нешто слично како во општината. За да се хранат 500 (петстотини) “маткачи”, за втор стан (во кој не се живее – главно скопјанишчана!), данокот на имот скокна до стратосферата и стигна до Уставниот суд, кој засега мудро молчи! И Толчи!

Ама и “Власите се сеќаваат” по некој пат. Тие се по пазарната економија, нели? Не признаваат монополи!

Сега самите професионални водоводџии, признаваат ( дури и се жалат!) дека добиле дива, непрофесионална конкуренција!

Сакате монопол, сакате такса за поставување на водомер, повисока со цената, и од самиот водомер, еве ви “експерти!” за диво приклучување.

Хотелите, си направиле алтернативно напојување. Ако на овие “Црна им е до задникот”, на другиве,” езерово им е под носот”!

Сакате монопол и високи цени, еве ви “експерти” кои надиво, ноќе, ќе ви направат приклучување на системот, за тројно поевтина цена.

Ама, како е можно, нели треба да се запре главниот, уличен вод на водата?

Можно е, “алтернативциве” измислиле машинки, кои, ем ја сечат цевката, ем го заптиваат протокот на водата!!!

“Експерти” кои водомерот ќе го врата на нула, колку сакаш!

“Експерти” кои вртењето на стрелката ќе ја направат бавна, без разлика колкав е млазот, колку сакаш!!!

И, на крајиот, “коњи за вршење!”, кои ќе го платат цехот за сето ова растурање, кои за сите “маткачи”, ќе соберат пари за плата – КОЛКУ САКАШ!

САМО Е ПРАШАЊЕ, ДО КОГА!?

Веле Митаноски

 

 

 

 

 

Back to top button
Close