Мојот другар Брат Џон


 

Почитувани читатели, денес ќе пишувам за моите пријателства и другарувања кои во мојот животен век имав можност да ги развивам во трајни вредности, да ги градам со љубов и почит кон  создадење прекрасен меѓусебен однос во  вечно пријателство.

Денес ќе пишувам за мојот пријател Џон Метју, Англичанец од Лондон, кој за себе вели дека низ неговите вени тече викингшка крв.

Надворешниот изглед на мојот пријател е навистина импозантен. Висок е над два метри, со невообичаено долги екстремитети, стасито граден, налик на викинг.

·        Многумина од  моите пријатели знаат дека  припаѓам на Големата масонска ложа на Македонија и Големата масонска ложа на Англија. За тие што мислат дека  масонеријата е таинствена и со лоши намери организација, сакам да ги разубедам дека тоа не е вистина. Правилата на  масонеријата го обликуваат човечкиот хуман карактер, кон себеси, своето семејство, своето опкружување, но и кон другите, познати и непознати луѓе.

Бидете убедени,  дека правилата кои се практикуваат во самата организација се многу конкретни, поконкретни дури и од правилата запишани во сите религии низ светот.

Во што е разликата?Разликата е суштинска. Човекот сам бира кој Бог и религија ќе ја  прифати  и почитува, додека во масонеријата човекот е одбран од масоните, кои долг период го следат неговиот животен пат и со почит го прифаќаат  како дел од таа заедница.

Со Џон се запознавме далечната 1993 година, кога ние, дваесет и тројца масони од  Македонија,  се најдовме во многу деликатна состојба, како да продолжиме понатака. Имено, се распадна Големата ложа на Југославија и ние се чувствувавме како сирачиња. Тропнавме на вратата на Големата ложа на Англија која  за нас Македонците ширум  ја отвори токму Џон Метју. Следше повеќе од децениска  активна работа, со службите на Големата ложа на Англија, поради што често патувавме  во Лондон. Ние,  23 масони  од Македонија, бевме примени во повеќе ложи на Големата Англиска ложа.

Нашата амбиција како членови на Големата ложа на Англија, беше да создадеме, секако со поддршка на нашите Браќа од Англија, Голема ложа на Македонија.

Во тоа успеавме и Големата ложа на Англија за прв пат излезе од рамките на Комонвелтот и дозволи да се отвори под нивно покровителство независна ложа на суверена држава.

Фактот што од Големата ложа на Англија бевме признаени како Голема ложа на Македонија беше голем успех, бидејќи додавката ФИРОМ ја избришавме и успеавме во нашата масонска визија да оствариме победа за Македонија.

 Во целиот овој период од 10 години, мојот другар и Брат Џон Метју беше неуморен борец.

Ако постои земја на земјената топка во која Брат Џон е заљубен, едноставно ќе ви каже дека тоа е Македонија. За себе умее да каже: -„ Јас сум Англичанец со викингшка крв, вечно заљубен  во Македонија„.  Денес Џон е член на Големата ложа на Македонија каде има посебно место и во текот на годината поминува миниму 4-5 месеци токму во Македонија.

Самиот по некој пат вели: – „Такви другари како вас  Македонците немам ниту во Лондон, ниту на други места”. Честопати се прашуваме со што го пленивме овој „колос” од човек?  Човештината која тој ја пронајде во нас, го донесе во Македонија каде сака секој  слободен миг да го поминува со нас. Да побарате некогаш да ви заврши некоја работа, бидете сигурни дека ќе ја заврши и со љубов и со прецизност.

Брат Џон знае да ужива во македонскиот автентичен животен стил, храна , пијалок и прекрасната природа.

Својата љубов кон Македонија ја покажува со многу активности во светот на бизнисот, но и и со фактот што за себе купи дом токму во Македонија. Жално е, што  скоро 20 години, како е присутен  во македонската реалност,  се соочува со низа дејствија и ситуации,  типични за нашето секојдневие како што се  измама, кражба и корупција.

Денес, сиот негов бизнис кој го имаше во Македонија е затворен, а приватниот имот му е оттуѓен. Меѓутоа љубовта кон нас Браќата и љубовта кон Македонија никој не може да му ја отуѓи, исто како што и срцето не може да го затвори за нас.

Џонз биди ми  жив и здрав уште многу години. Со твоето присуство во Македонија, убеден сум дека создаваш само позитивна енергија  во чија аура и ние, како граѓани на Македонија, треба да се движиме и менуваме во позитивни луѓе.

Back to top button
Close