ЕК за „случајот Епл“: Компаниите треба да плаќаат праведен дел во даноците
Европската комисија (ЕК) внимателно ќе ја проучи пресудата на Судот на ЕУ за даночните олеснувања на „Епл“ во Ирска и смета дека сите компании треба да плаќаат праведен дел во данокот, изјави потпретседателката на Комисијата, Маргарет Вестагер.
Судот на ЕУ ја поништи одлуката на ЕК од август 2016 година, според која американскиот технолошки гигант „Епл“ мораше да врати 13 милијарди евра во ирскиот буџет.
– Внимателно ќе ја разгледаме пресудата и ќе размислиме за следните чекори… Комисијата целосно ја поддржува целта, сите компании да плаќаат фер дел во даноците, истакна Вестагер.
– Ако некоја земја-членка и даде на некоја мултинационална компанија даночни олеснувања, кои не се достапни за нејзините конкуренти, тоа и штети на фер пазарната конкуренција во ЕУ. Исто така, ја лишува јавната каса и граѓаните од многу потребните инвестиции, кои се поголеми во време на криза, нагласи потпретседателката на ЕК задолжена за пазарна конкуренција.
На 30 август 2016 година, ЕК донесе одлука дека „Епл“ мора да врати 13 милијарди евра во ирскиот буџет, како резултат на даночните олеснувања што ги овозможи Ирска.
Но, судот смета дека ЕК не успеала да докаже дека „Епл“ има селективна економска предност, која е дадена од ирската држава.
Пресудата претставува голем удар за Вестагер, кој и во претходниот и во сегашниот состав на ЕК е задолжена за пазарната конкуренција, а стана исклучително популарна поради изрекувањето високи казни на повеќе меѓународни компании.