Речиси 70 проценти од вработените во Хрватска земаат плата под просечната

Платите во Хрватска мора да продолжат да растат бидејќи речиси 70 проценти од вработените примаат плата пониска од просечната, а образованието и науката се меѓу најголемите губитници од реформата на платите, порачаа учесниците на тркалезната маса организирана од Синдикатот на науката и синдикатот „Препород“.

Економистката на Независните хрватски синдикати, Изабела-Делфа Мишиќ, изјави дека просечната нето-плата во април изнесувала околу 1.550 евра, но речиси 70 проценти од вработените примале помалку од тој износ, пишува Н1.

– Се поставува прашањето како со толку ниски плати ќе ги задржиме работниците во Хрватска, особено високообразованите – рече таа.

Себастијан Троскот од синдикатот „Препород“ оцени дека образованието и науката се меѓу најголемите губитници од реформата на платите и новиот систем на коефициенти, иако во тие сектори работат повеќе од 80 проценти високообразовани кадри.

Матија Крофлин од Синдикатот на науката истакна дека Владата има простор за раст на платите, меѓу другото и преку даночно растоварување на трудот, што, како што рече, го покажуваат податоците за полнењето на локалните буџети.

Според синдикатите, фискалниот капацитет на државниот буџет овозможува и зголемување на платите на јавните и државните службеници, чии реални приходи годинава се намалуваат поради инфлацијата.

Истовремено, оценуваат дека и приватниот сектор има простор за понатамошен раст на платите, што е неопходно за зачувување на личната потрошувачка и економскиот раст.

Виктор Вилјевац од Економскиот факултет во Загреб предупреди дека намалувањето на јавната потрошувачка и растот на платите под стапката на инфлација го забавуваат економскиот раст и создаваат дополнителни ризици, особено во случај на нови надворешни или геополитички потреси.

Учесниците на тркалезната маса го критикуваа и односот на Владата кон колективното преговарање, оценувајќи дека е деструктивен и испраќа негативен сигнал до приватните работодавачи.

Тие нагласија дека преговорите често се сведуваат на формалност, поради што работниците остануваат во понеповолна положба и имаат ограничено влијание врз сопствените плати и услови за работа.

Според нив, силното синдикално организирање и инсистирањето на колективно преговарање остануваат клучни за заштита на правата на работниците.

Дарко Шепериќ од Сојузот на самостојни синдикати на Хрватска предупреди дека повторно се актуелизираат барањата за строга фискална дисциплина, дерегулација и мерки за штедење, и на национално и на европско ниво.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close