„Ја претставувал сопругата како аташе за култура“ – Амбасадорот Сашко Тодоровски предвреме вратен од Прага поради нерегуларности

На македонскиот амбасадор во Прага, Сашко Тодоровски му бил скратен мандатот и тој предвреме е вратен во Македонија, информираше министерот за надворешни работи Бујар Османи на онлајн брифинг со новинарите.

Според Османи, Тодоровски е вратен заради слабости и нерегуларности во работењето.

Констатирани беа нерегуларности во неговата работа, нефункционалност, лажно претставување на сопругата како културно аташе, непочитување на инструкциите од страна на МНР, и тоа е подолг процес.

Процедурата за неговото враќање трае повеќе месеци, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање.

Сопруга на амбасадорот Тодоровски е професорката Мирјана Најчевска.

Од кабинетот на шефот на државата за „360 степени“ потврдија дека претседателот Стево Пендаровски потпишал указ за отповикување на амбасадорот Тодоровски. Оттаму додаваат и дека на почетокот на годината Тодоровски писмено доставил оставка на позицијата амбасадор на РСМ во Прага.

Сашко Тодоровски беше именуван за амбасадор во Прага, Чешка, на почетокот на 2021 година, заедно со уште седуммина негови колеги, откако беа завршени процедурите за нивно именување. Указот за поставување на Тодоровски на должноста вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Чешката Република, со седиште во Прага, е објавен во „Службен весник“ на 17 февруари 2021 година.

 

Back to top button
Close