Рама: Тие што го критикуваат предлог-статутот за ЗСО без да знаат што содржи, се плашат да не го загубат непријателот и сакаат да се однесуваат како да се во ровови
– Албанскиот премиер Еди Рама реагираше на критиките добиени за нацрт-статутот предложен од него за формирање на Заедницата на српски општини.
![]()
Преку објава на „Твитер“, Рама оценува дека “оние кои критикуваат се плашат да не го загубат непријателот што им создава егзистенцијален услов да зборуваат и да се однесуваат како да се во ровови”.
Додава дека војната завршила во 1999 година и дека непријателот бил поразен.
-Оние кои критикуваат и обвинуваат без да знаат што содржи предлог-статутот за ЗСО се плашат само од едно: да не го изгубат непријателот кој им создава егзистенцијален услов да зборуваат и да се однесуваат како да се во ровови, иако војната заврши во 1999 година и непријателот е поразен, напиша Рама.
Премиерот Рама пред два дена објави дека на францускиот претседателот Макрон и на германскиот канцелар Шолц им доставил нацрт за Заедницата на српските општини, за што ги информирал и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и американската страна.
Рама тогаш изјави дека „создавањето асоцијација на српски општини на Косово е клучот за конечно да се отвори вратата за меѓународна афирмација на Република Косово и нејзино признавање од сите, членство во Обединетите нации и сите меѓународни форуми и меѓусебно признавање со Србија“.
Тој вчера изјави дека Предлог-статутот за ЗСО е “придонес на Албанија како братска држава со Косово”.






