До 10 јули патот од Охрид до Подмоље ќе биде завршен и приспособен за главниот дел од туристичката сезона, вели Бочварски
Градежните работи што ги започна централната власт на влезот на Охрид на почетокот на туристичка сезона се очекува да бидат завршени до 10 јули. Ова уверување денеска го дадоа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми по увидот на градежните работи на делницата Подмоље – Охрид.
„Гледаме силна градежна офанзива овде пред Охрид. Очекуваме до 10 јули да завршат градежните активности во овој дел од Подмоље до Охрид и потоа да започнеме со последната фаза за поставување на еластични огради и одобрување на времениот режим“, рече Бочварски додавјаќи дека со Рустеми почесто се на оваа делница за да извршат дополнителен притисок за изградба на овој автопат.
За Бочварски неприфатливи се реакциите во однос на времениот режим на оваа делница во време кога привршуваат градежните работи, додаде министерот, а притоа побара поддршка од општината и граѓанските здруженија да не ја кочат реализацијата на овој автопат.
Тој нагласи дека се што се работи е во насока на развој на туризмот во Охрид и верува дека граѓаните ќе имаат разбирање и ќе дадат поддршка затоа што после овие градежни работи влезот во Охрид ќе биде со автопатско решение.