БУГАРСКИ ГЛУПОСТИ
На анкета на ОБСЕ за ризици за корупција во судствотото, 72 отсто од судиите рекле дека Судскиот совет не ја штити нивната независност. Од анкетираните судии, 32 отсто одговориле дека почувствувале притисок од самите членови на Судскиот совет.
По оваа анкета, претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев ги повика судиите да се охрабрат и притисоците да не ги пријавуваат анонимно, туку кај него и во Судскиот совет.
Е па ете, и обвинителката Ленче Ристоска неодамна се охрабри и јавно го кажа тоа што судиите го кажуваат тајно во анонимни анкети. Дека Советот на јавни обвинители е извор на трговија со влијанија. Советот веднаш ѝ поднесе дисциплинска постапка.
Богами, треба храброст да пријавиш притисоци кај тој што ти врши притисоци. Нека се охрабрат и судиите да пријават корупција во Советот за кој рекле дека не му веруваат. Ќе ги решат во Советот по пропис и по закон. Видовме како законски ја сменија претседателката. И нив, или ќе ги дадат на дисциплинска комисија, или ќе им бараат конфликт на интереси дали тетката им имала судски спор за лифтот во зградата.
Холандскиот амбасадор по незаконското разрешување на претседателката им рече дека Советот е нелегитимно тело, апелационен судија и врховна судијка си дадоа оставки, судијката дури и јавно кажа дека Советот не работи законски, а нив мува не ги лази.
Претседателот Сашко Георгиев рече: „Таа си имала што да каже, си кажала“.
Одиме понатаму. Совладана уште една препрека на патот кон ЕУ.
Штрајкува судска администрација, штрајкува Царината, штрајкуваат вработените во УЈП…
Што си мислеа функционерите кога си ги дигнаа платите за 78 отсто среде криза? Нели ќе правеа закон за плати во јавниот сектор? Важно, тие што требаа да го направат законот и пратениците што треба да го изгласаат си добија за 78 проценти повисоки плати. За другото, нека му ја мислат граѓаните што ќе ги трпат последиците од штрајковите, блокадите и најавеното затворање на границите.
Ништо не си мислеа функционерите. Они Уставот го бранеа.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК






