Демостат Анализа: Руска пропаганда помеѓу параноја, лажни вести и популизам

Година и пол од почетокот на руската инвазија на Украина, сведоци сме на војна која се води на повеќе фронтови. Историјата е полна со примери на војни кои се воделе на повеќе фронтови, но онаа во Украина е специфична по многу нешта, а тоа се големата загуба на човечки животи од двете страни, но и војната со дезинформации и лажни вести во медиумите и на социјалните мрежи.
Иако обемот на руските дезинформации во изминатите месеци од војната не може да се мери квантитативно, експертите на оваа тема се согласуваат дека интензитетот е зголемен и дека методот на ширење дезинформации е особено тврдокорен, не само од почетокот на војната, туку и тоа дека НАТО и се заканува на Русија, дури сака да ја окупира, па инвазијата на Украина е превентивен воен одговор, се наведува во анализата на Демостат.
Овие наративи неодамна ги објави „Фондацијата Фикс“, Европската служба за надворешни работи, а се однесуваат на манипулација со странски информации.
Како што пренесува Гласот на Америка, фондацијата во својот извештај наведува дека Русија со години ги мобилизира ресурсите со кои располага за да ја дискредитира Украина и другите непријатели, како преку медиумите во Русија, така и во странство, сумирајќи ги главните точки од извештајот. Фондацијата истакнува дека руската пропаганда има неколку цели на кои се фокусира.
Анализата ги дели целите на пропагандата во три групи – земји, организации и поединци. Очекувано, најчести се Украина, украинскиот претседател Володимир Зеленски, украинската влада, вооружените сили на Украина и сојузниците на Украина, како што се Европската унија и меѓународните институции како НАТО.
Извештајот ги идентификува петте најпопуларни руски пропагандни наративи.
1. Западот е агресор кон Русија
Според овој наратив, Западот е одговорен за растечката тензија меѓу Русија и Украина, профитирајќи од војната и е главната причина зошто инвазијата продолжува.
2. Украина е агресор кон Русија
За разлика од претходниот, овој наратив ја прикажува Украина како главен антагонист и провокатор. Русија ги обвинува Украинците дека предизвикуваат и посакуваат војна, дека извршиле воени злосторства и дека имаат намера да употребат хемиско и нуклеарно оружје. По промената на украинската влада во 2014 година, Русија постојано ги прогласуваше претседателските избори за незаконски и ја означуваше владата на Украина како „киевски режим“. Руските медиуми ја искористија оваа агенда во своите пораки за да ја демонизираат Украина. (На пример, рускиот медиум Ukraina.ru објави напис „Киевскиот режим сака да предизвика војна меѓу Русија и НАТО“). На овој начин Украина се демонстрира како агресор, а постапките на Русија се само оправдан одговор.
3. Санкциите против Русија имаат негативен ефект
Тоа е руска манипулација за тоа како санкциите влијаат на западните земји, особено во областа на храната, енергијата и финансиите.
Пример, кој не беше директно спомнат во извештајот на Европската служба за надворешни работи – рускиот канал „Раша тудеј“ направи видео „Среќен антируски Божиќ“. Видеото е за едно семејство кое го слави Божиќ во Европа. Празникот се менува за три години и од полна светлина, топлина и благосостојба во 2021 година во студена, гладна и сиромашна во 2023 година. Врвот на заплетот е семејство кое јаде супа направена од хрчакот на нивната ќерка.
Главниот наратив е дека европските санкции за руската енергија ќе имаат многу посилен ефект врз Европа отколку врз Русија. „Раша тудеј“ манипулира за да ја убеди публиката дека ќе го изгубат својот лесен живот без Русија.
4. Западот е лицемерен
Пораката го истакнува наводното лицемерие на западниот свет. Наративот вели дека европските земји се корумпирани, колонијалистички, шират русофобични ставови и ги злоупотребуваат основните права, но тие не го признаваат тоа и ја осудуваат Русија.
5. Украина е нацистичка и терористичка држава
Вообичаена е идејата што Русија активно ја промовира уште од Револуцијата на достоинството – проевропските протести во Украина на крајот на 2013 и почетокот на 2014 година, во кои беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович. Политичарите и медиумите на Кремљ тврдеа дека смената на претседателот не е легитимна и дека тоа е терористички чин. Исто така, популарна приказна беше дека Револуцијата ја воделе „украинските нацистички групи“. Сега наративот за „Земја полна со терористи и нацисти“ е еден од изговорите за руската инвазија. Од овој наратив произлегува уште една точка – руската агресија врз Украина е таканаречената „денацификација“.
Руските дезинформации влијаат на јавното мнение за војната во Украина
Војната во Украина започна со остра осуда од македонската јавност. Ова е и официјалниот став на државата – осуда на руската инвазија и силна поддршка за Украина. Но, во овој период, додека трае војната, Северна Македонија, како и регионот, се соочија со бројни лажни вести во медиумскиот простор кои влијаат на обликувањето на јавното мислење.
Ова го покажува последното истражување на Институтот за демократија и Фондацијата Конрад Аденауер, во кое мнозинството граѓани донекаде не се согласуваат дека Русија има за цел да ја освои Украина (41 отсто – воопшто, а 13 отсто донекаде), додека 21 отсто од испитаниците веруваат дека тоа е целта на руската агресија.
Од Институтот за демократија велат дека добиените резултати укажуваат дека мнозинството од испитаниците се уште сметаат дека оправдувањето за нападот на Русија треба да се бара во провокациите создадени од НАТО, теза која е спротивна на мнозинството ставови на стручната јавност и државната политика.
-Овие пораки се чест пример за информации кои Москва официјално ги дистрибуира преку своите медиуми, се наведува во истражувањето.
Истражувањето исто така покажа дека 34 отсто од граѓаните на Северна Македонија не се согласуваат дека победата на Украина значи победа на Европа. Мнозинството од испитаниците, или 55 отсто, целосно се согласуваат дека решение за војната се само преговорите, а не победата на Русија или Украина.






