Четириесетина загинати во напад на училиште во Уганда

Се смета дека за нападот е одговорна исламистичката милиција АДФ. Меѓу жртвите се главно ученици во училиштето, а напаѓачите зеле и повеќе заложници.

Во напад на училиште во Уганда, зад кој се претпоставува дека стојат исламистите, според воени извори се убиени 37 лица, додека пак приватната НТВ јави за 41 загинат, а државниот весник „Нова визија“ за 42 жртви. Според медиумите, меѓу убиените се ученици кои делумно загинале директно при нападот, а делумно откако напаѓачите активирале експлозив при бегството.

Полицијата одговорноста за нападот ѝ ја припиша на радикално исламистичката милиција АДФ, која одржува тесни врски со терористичката милиција „Исламска држава“. Напаѓачите се наоѓаат во бегство, а со себе како заложници зеле повеќе луѓе, изјави портпарол на полицијата.

Воен портпарол на Твитер напиша дека при стигнувањето на местото на злосторството, војниците откриле 37 тела на загинати. Ни полицијата ни војската се соопштија колку точно од мртвите се ученици.

„Нашите воени трупи се во потрага по непријателот во обид да ги спасат киднапираните и да ја уништат групата“, истакна армискиот портпарол, според кого се грабнати шест ученици.

Нападнатото училиште се наоѓа во западниот дел од Уганда, во Мпондве, на границата со Демократска Република Конго.

Петмината напаѓачи во петокот вечерта предизвикале пожар во една од спалните простории и ги ограбиле прехранбените производи пред да избегаат во правец на националниот парк Вирунга во Конго.

Според воени извори, терористите пред нападот два дена престојувале во градот за да го опсервираат училиштето, испраќајќи во него тинејџер со задача да го испита распоредот на просториите.

Припадници на армијата на Уганда го обезбедуваат училиштето во Мпондве каде во напад загинаа четириесетина лицаФотографија: AFP

Милицијата која се смета за одговорна за нападот е класифицирана за терористичка – Сојузни демократски сили (АДФ) и првично потекнува од Уганда, но оперира од соседната држава Конгои е сојузник на терористичката организација „Исламска држава“.

Во 90-те години оваа милиција започна бунт против претседателот Јовери Мусевен. Најголем дел од нејзините борци се убиени во акциите на угандската армија, но дел од нив успеале да побегнат преку границата во џунглата во источниот дел од Конго, од каде што постојано атакуваат врз воени цели во Конго и Уганда. Во април годинава АДФ нападна село во источно Конго и уби најмалку 20 луѓе.

Извор: Дв

Back to top button
Close