Орбан со молба за Вучиќ да ги врати косовските полицајци во нивната земја
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 20 јуни изјави дека го моли српскиот претседател Александар Вучиќ да ја послуша препораката на Будимпешта и да ги врати уапсените косовски полицајци во нивната земја.

„Со почит те замолувам, драг Александар, добро да размислиш за тоа. Непријателите на Србија се желни да ѝ нанесат штета на Србија и ова е таква ситуација и случај што мислам дека би било добро да ја послушаш препораката на Унгарија да ги вратиш на Косово “, изјави Орбан во Суботица на средбата со највисоките претставници на Србија.
Косовските полицајци се во притвор во Краљево, град во централна Србија. Тамошното обвинителство ги сомничи за недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и експлозивни материјали. Според властите во Белград, полицајците биле уапсени на 14 јуни на длабочина од повеќе од еден километар на територијата на Србија.
Властите во Приштина, пак, тврдат дека косовски полицајци биле киднапирани на територијата на Косово при обиколка на границата. Западните земји побараа од Србија да ги ослободи полицајците.
Орбан додаде дека одблиску ги следи настаните. Инаку Унгарија ја призна независноста на Косово, што официјален Белград сè уште ја негира.






