Еуростандард банка уништена од заробена држава

Почитувани читатели, вообичаена колумна за невообичаен стечај на Еуростандард банка – уништена од држава во процес на доуништување. Ќе ви презентирам една кратка анализа за реалноста во која живееме ние, граѓаните во Република Македонија.

Веќе сите граѓани на Република Македонија се свесни дека криминалот и корупцијата владеат во сите сфери од нашето живеење.

Старата народна мудрост дека „рибата смрди од главата” се потврдува и во случајов со нашата Република Македонија. Главни виновници за нашата заробена и украдена држава, од страна на криминалот и корупцијата, се токму власта и Владите на Република Македонија, кои не покажаа вистински интерес за отворена борба при сузбивање на криминал и корупција. Со својот дрзок молк овозможија уште повеќе можности криминалот да се развие до степен на неподносливост. Ниту еден нормален и разбран човек не може да ја разбере ваквата дрскост на власта, нивната неподнослива леснотија со која ја уништуваат Македонија.

Флоскулите на актуеланата Влада од типот „борба против криминалот и корупцијата” се празни фрази на дневни политички изјави кои што во реалноста немаат никаков резултат.

Јавното Обвинителство со закон е самостојно. Поточно, треба да е самостојно. За жал самостојноста во дадениов случај е мисловна именка, бидејќи истото функционира исклучиво по наредби на актуелната власт и нејзините апологети.

Ваквиот заклучок го темелам на база аргументи кои недвосмислено укажуваат дека со своето постоење Јавното Обвинителство, секако во името на законот, го штити криминалот и корупцијата.

Веќе ја завршувам третата година на седмично пишувам колумни, поврзани околу стечајот на Еуростандард банка. Во моите текстови прецизно се наведени несоборливи аргументи за клучните институции: Народна банка, Техничка влада на Република Македонија и Собрание на Република Македонија, кои учествувале во стечајот на Еуростандард банка.

Народна банка тенденциозно прескокнува инструменти за стабилизација на Еуростандард банка, какви што се вонредни мерки и администрација, а згора на тоа одбива разговор со потенцијалниот инвеститор кој чекаше цели 3 месеци.

Техничката Влада носи контроверзни уредби со сила на закон. Првата уредба, објавена во Службен весник на РМ на ден 24 февруари 2020 година, укажува дека „нема отворање на стечајна постапка на ниту еден правен субјект, минимум 3 месеци по завршување на вонредната состојба поради пандемија Ковид-19”. Втората уредба објавена во Службен весник на 29 мај 2020 година обзнанува дека ,,стечај на правни лица може да се изврши веднаш по завршување на вонредната состојба”. Еуростандард банка беше единствен правен субјект кој веднаш по завршувањето на вонредната состојба од пандемијата Ковид-19 отиде во стечај.

Собранието на Република Македонија, како единствен контролор врз работењето на Народна банка, иако констатираше дека се прекршени процедурите поради некористење инструменти кои ѝ беа на располагање на Народна банка, до денес не презема чекори длабински да го испита работењето на Народна банка.

Очигледен е сојузот меѓу Владата, Собранието на Република Македонија и егзекуторот Народна банка. Троен пакт!

Во ниту еден момент не изреагира Јавното обвинителство. Владее невидено дрзок молк. Истражната постапка ги надмина сите законски утврдени рокови, но епилог нема. Стручната ревизија за работењето на Еуростандард банка, која работи по налог на Јавното обвинителство, убеден сум дека одамна ја има завршено работата, меѓутоа молкот, вистината да не излезе на виделина и натаму трае. Молк со кој се забошотуваат сите вистини е срамен молк.

 

За Јавното обвинителство покренување на истрага од допрен глас , во случајот за Еуростандард банка, не важи. Направив приватна истрага од независна ревизорска куќа Р.У.Р од Љубљана, обзнаена на 22 август 2022 година. Податоците на оваа истрага и натаму се достапни за Јавното Обвинителство, меѓутоа молкот и натаму владее. Исто колку и срамот, ако воопшто го чувствуваат.

 

Почитувани читатели, молкот на сите институции кои погоре ги наведов се во основа одговор и заклучок дека Македонија е заробена држава од криминал и корупција.

 

Не САД, не ЕУ, ни Господ нема да ни помогне доколку ние самите не се справиме со ова општествено зло кое зема се поголем замав и се раскрилува над Македонија како демон.

 

Сторителите, порано или подоцна ќе мора да се соочат со законот. Долга е раката на правдата, стасува.

Продолжувам да пишувам. Целта ми е да го разбудам и кај вас, мои почитувани сограѓани, чувството дека мора заеднички да ставиме крај на ова зло кое ни ја ништи државата и нејзините граѓани. Тие не може толку да молчат, колку што правдата може да е говорлива.

Трифун Костовски

Back to top button
Close