СДСМ поднесе кривична пријава против градоначалникот Коњановски оти не ги потпишувал одлуките на Советот за смена на управните и надзорните одбори во јавните претпријатија

Советничката група на СДСМ во Советот на Општина Битола, до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, затоа што, како што наведуваат не ги потпишал одлуките од 27 седница на Советот кога беа изгласани разрешувања на членовите на управните и надзорните одбори во шест битолски јавни претпријатија.

-На 27 седница на Советот на Општина Битола беа донесени одлуки-заклучоци за разрешување на членови на управни и надзорни одбори на шест јавни претпријатија во Битола. Истите тие заклучоци, претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска, ги потпиша и достави до градоначалникот Тони Коњановски, согласно предвидениот рок. Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, согласно Законот за локална самоуправа, член 51, е должен во рок од 7 дена, да донесе решение со кое или ќе ги прифати и објави во “Службен гласник” или ќе донесе решение со кое ќе го запре објавувањето на заклучоците-одлуките и решенијата да ги достави на повторно одлучување во Советот. Измина рокот од 7 дена предвиден со Законот за локална самоуправа во кој градоначалникот бил должен да постапи или на едниот или на другиот начин, а тој тоа не го сторил. Напротив, поминати се 20 дена со што истиот, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, го прекршил Законот за локална самоуправа член 51, со што сторил кривично дело од член 353 од Кривичниот законик- стои во кривичната пријава што советниците од СДСМ ја доставија до ОЈО Битола.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека градоначалникот Тони Коњановски, сите општи акти и прописи, донесени на 27 седница на Советот на Општина Битола, одржана на 31 мај, оваа година, ги потпиша и донесени се заклучоци за нивно објавување во “Службен гласник” на Општина Битола.

-Причината, заради која не се потпишани заклучоците за објавување на решенијата за разрешување на членовите на управните и надзорните одбори на ЈКП “Водовод”, “Комуналец”, ЈП “Паркинзи”, “Пазари”, ЈП ИЗ “Жабени” и ЈОУ Културен и информативен центар е поднесената иницијатива од страна на градоначалникот за вонреден инспекциски надзор, за што од страна на Државниот инспекторат за локална самоуправа има известување дека надзорот ќе биде извршен на 30 јуни, во 11:00 часот. Известувањето е со број 08-712 од 15 јуни. Како дополнително објаснување пред јавноста, решенијата за разрешување на членовите на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија и установи основани од Општина Битола не претставуваат прописи односно општи акти и следствено на тоа за нив не можат да бидат применети одредбите од член 51 од Законот за локална самоуправа и член 55 од Статутот на Општина Битола-вели советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓи Ѓорѓиевски.

И претседателката на Советот, Габриела Илиевска вели дека градоначалникот согласно неговите обврски не ги потпиша актите што од нејзина страна биле уредно доставени.

-Градоначалникот Коњановски не објави решение со кое се повикува дека не ги потпишува бидејќи ги враќа назад на повторно разгледување, туку едноставно без никакво образложение актите стојат некаде во фиока и не се потпишуваат. Воедно, пред некој ден е објавен “Службен гласник” каде не постојат актите донесени од Советот на Општина Битола, меѓутоа не постои ниту решение во кое ни објаснува градоначалникот заради кои причини истите не се потпишани. Има разлика меѓу Совет и градоначалник, и оттука градоначалникот треба да ни каже според кој закон , член, според кој пропис извршил запирање на акти од страна на Советот, по кој основ ги запира бидејќи такво право нема. Неговата жалба не го спречува извршувањето на одлуката на Советот- вели претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска.

Од партијата “Левица” велат дека на иницјатива на градоначалникот Коњановски разговарале за тоа како ќе се одвива разрешувањето на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија а тие да не доживеат кочење во нивното нормално функционирање.

-На наредна седница кога ќе се разрешуваат управните и надзорните одбори на шесте јавни претпријатија, веднаш да се именуваат нови, за да нема преоден период од месец, два, три и јавните претпријатија да бидат закочени во работењето. Во истиот ден ќе разрешиме и во истиот ден ќе именуваме нови и според Закон за една недела ќе започнат со работа, и оттука претпријатијата ќе функционираат нормално-вели советникот на “Левица” во Советот на Битола, Горан Велевски.

Инаку, на 27 седница на Битолскиот Совет што се одржа на 31 мај, се случи вистински политички “земјотрес” кога ВМРО-ДПМНЕ по напуштањето на неформалната коалиција на советниците од независната листа “Поинаку” по повеќе од година и половина го изгуби мнозинството во Советот на Битола.

Back to top button
Close