Мицкоски ќе бил навреден ако тројцата министри зборуваат само за уставните измени

Уште пред да се сретне со нив лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, денеска порача дека ќе бил навреден ако тројцата министри од ЕУ, на средбата со него ќе зборуваат само на темата уставни измени.

 

„Ако некој доаѓа овде да разговара само на тема уставни измени тогаш навистина ќе бидам разочаран и навреден како граѓанин на Македонија, бидејќи на сите анкети граѓаните во Македонија, уставните измени не ги ставаат ниту во првите десет приоритети“, рече Мицкоски денеска во Занаетчиската комора пред попладневната средба со министрите на Австрија, Чешка и Словачка.

„Ако навистина го почитувате овој народ и граѓаните и ако сакате европска иднина и перспектива на Македонија тогаш малку повеќе треба да посветиме внимание на криминалот и корупцијата, на реформите…“, рече претседателот на ВМРо-ДПМНЕ.

Според него, тој веќе ја затворил темата за уставните измени. „Имаа неколку решенија коишто ги понудив изминатава година, а тие ги одбија. Сега на маса е само една работа да седнеме и да се договориме за терминот за следните парламентарни избори. Се останато се рибарски приказни и фантазија на власта“, рече Мицкоски.

Тој очекува дека „конечно ќе се свестат луѓето во владата и конечно заеднички ќе излеземе со еден состанок со кој што ќе ја дефинираме датата за следните избори“.

 

Back to top button
Close