(ФОТО) Министрите од ДУИ ги потпишаа оставките и порачаа: Европската иднина пред сѐ
Министрите од редовите на Демократската унија за интеграција во Владата денеска речиси истовремено на своите профили на Фејсбук објавија дека ги потпишале оставките кои лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најави дека ќе ги поднесат министрите од неговата партија, а кои ќе стапат во сила по гласањето на уставните измени.
Објава проследена со фотографии од чинот на потпишување на оставките објавија првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за надворешни работи Бујар Османи, за економија, Крешник Бектеши, и за образование, Јетон Шаќири.
Петтиот од групата министри од ДУИ, пак, министерот за финансии Фатмир Бесими, уште вчера на својот фејсбук-профил ја објавил содржината на оставката која ја поднесува до премиерот Димитар Ковачевски.
Во содржината на оставките кои се очекува денеска формално да бидат доставени до премиерот, министрите од ДУИ, меѓу другото, наведуваат дека големите одлуки бараат одговорност, но и политичко, национално и државно жртвување кај секој еден од нив. Велат дека ДУИ не отстапува од интеграцијата на земјава во Европската Унија и оти е свесна за надежите на граѓаните за нејзиното членство во европското семејство.
Оттука, додаваат:
„Тргнувајќи од условувањето на опозицијата дека би гласале за уставни измени доколку ДУИ излезе од Владата, ние, министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција, поднесуваме оставки од функциите што во моментов ги извршуваме! Оставките, г-дине премиере, автоматски ќе стапат во сила во моментот кога опозицијата ќе ги изгласа уставните измени.“
Освен содржината на оставките, дел од министрите кусо порачаа – „Европската иднина е пред сѐ“.
Петтемина министри на ДУИ денеска на владина седница се очекува формално да ги достават оставките кои на 30 јули ги најави партискиот лидер Али Ахмети. Условените оставки, како што потенцира вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе бидат поднесени до премиерот и потпишани поединечно од секој од министрите. Оставките би требало да се активираат веднаш штом опозицијата ќе гласа за уставните измени.
Влада без ДУИ беше едно од барањата кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги постави на лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски на 7 јуни, а на која се зборуваше за гласање на уставните измени. Уште истиот ден, портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи соопшти дека тој и неговите сопартијци се спремни на ваков чекор.
Во изјава од пред еден ден, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги оцени оставките нa ДУИ за политички маневр. Порача дека опозицијата не гледа сериозно на ваквиот потег, бидејќи за нив единствена опција се предвремени избори.