ВИДЕО: Објавена првата визуализација на Треска: Модерен и урбан комплекс со ниски згради на местото на запуштената фабрика  

На одлична локација близу центарот на градот ќе се роди нов урбан станбен комплекс кој ќе ја трансформира локацијата на поранешната фабрика Треска и ќе ја претвори во модерна населба која ќе го заживее градскиот дух.

Комплексот е предвиден со ниски станбени згради со високо квалитетна архитектура која ќе остави впечатлив белег во околината, уредено зеленило, модерна урбана опрема, внатрешни меѓу блоковски паркови и спортски игралишта. Додека станбените единици распоредени со блиска катност во модерен дизајн ќе остават впечатлив топол израз на целиот простор.

Внимателно испланираното соодветно сообраќајно решение, плански подземниот паркинг, пешачките патеки и тротоари со модерни канделабри и друга урбана опрема ќе обезбедат непречено пристапување до домовите за новите жители.

Сето ова надополнето со ниско грмушесто и високо стеблесто зеленило ќе го разубави ликот пред самите станбените единици и ќе обезбеди пријатно домување и уживање во секојдневјето.

Во внатрешноста на блоковите се предвидува уредено ниско и високо стеблесто декоративно зеленило кое ќе му даде свежина и уникатен лик на просторот, пешачки патеки како и урбана опрема со модерни лед светилки, клупи за одмор и разговори со соседите како и канти за отпадоци вклопени со околните елементи.

Овие внатрешни меѓу блоковски делови на комплексот исто така нудат идеални услови за дружење и релаксација, безбедна игра без сообраќај и катчиња за социјализација на децата и жителите. Комплексот е надополнет и со поголем парк и изградба на предучилиштен образовен објект – градинка која ќе ги задоволи капацитетите на новите жители и блиската околина.

За модерната инфраструктура на комплексот зборува и кратката визуелизација во прилог. Погледнете го видеото од новиот современ простор кој нуди нова свежина и претставува комплетно нова слика од некогашната депонија и урнатини од распаднатите бараки на „Треска“ кои беа жаришта на пожари и место каде се собираа бездомници.

Back to top button
Close