Победнички старт за ШК Алкалоид во Лигата на шампионите


Максималната победа од 6:0 на стартот на 41. Европски клупски куп забележаа шахистите на Алкалоид во првото коло.

Интернационалниот состав на фармацевтите беше треторангиран на турнирот според просечниот рејтинг, а според конечните состави, соопштени пред почетокот на турнирот, беше промовиран како втор носител, па според системот на впарување како противник во првото коло го доби англискиот клуб Sharks 4NCL.

Иако се играше против екипа од средината на табелата, забележлива беше целосната доминација на сите шест табли. Тоа резултираше со неколку брзи победи за околу два часа игра (Аравинд на третата, Пураник на четвртата и Ивиќ на петтата табла), со што отпорот на противниците беше скршен. Најголем отпор имаше на првата и на втората табла, каде што Еригаиси и Веи добија шанса да ја покажат својата класа.

– Еригаиси со црни фигури против силниот интернационален мајстор Роберсон избра ретка, но сложена варијанта со двојно фијанкето, го предизвика противникот на офанзивна игра и го надигра со тактички финеси. Веи против англискиот ФИДЕ-мајстор Холанд одигра партија за учебници со бели фигури и сицилијански напад со голема рокада. Последен остана да игра ВМ Звонко Станојоски, кој на шестата табла играше со талентираниот и млад мајсторски кандидат Хари Брајант, постепено кршејќи го отпорот и реализирајќи ја предноста во завршницата – соопшти капитенот на тимот ВМ Влатко Богдановски.

Во второто коло противник на ШК Алкалоид е А-тимот на Бреидаблик од Исланд.

Back to top button
Close