Ескобар утре во Скопје на средба со Пендаровски Ковачевски и Мицковски

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, утре (четврток, 24 август 2023 г.) доаѓа во посета на Скопје. Ескобар ќе биде во земјава и в петок (25 август) за кога се предвидени најголем дел од средбите со неговите соговорници. Освен со државно-владиниот врв, Ескобар ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Посетата на Ескобар доаѓа по отпочнувањето на пленарната собраниска процедура за усвојување на уставните измени за внесување и на Бугарите во Уставот. Познато е дека дневниот ред беше усвоен со 70 гласа „за“ и дека по исцрпувањето на дискусијата за предлог-одлуката за пристапување кон измена на Уставот, претседателот на парламентот Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа во Кичево изјави дека се прави стратегија како да се скрши ВМРО-ДПМНЕ за опозициски пратеници да гласаат за уставните измени.
„Денеска, додека го зборувам ова, ние сме соочени пред историски епохален предизвик. Денеска Европа, светот прават стратегија како да ја скршат ВМРО-ДПМНЕ и овие 44 да изгласаат предавнички уставни измени во парламентот скроени по бугарски диктат. Мора да се обединиме, да застанеме околу заедничката цел, а тоа е огромна победа на следните избори, силни реформи и Македонија онаква каква што сите ние си ја сакаме, и децата дома да ни останат“,изјави Мицкоски во Кичево.
Неколку часа пред настапот на Мицкоски, американската амбасадорка Агелер повтори дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија и дека сите политичари во земјата треба да работат на остварување на таа цел.
Во јули годинава Ескобар, во настапот пред Поткомитетот за надворешна политика на Конгресот на САД, изјави дека американската администрација работи со властите во Софија за Бугарија да не испорачува нови услови и барања откако Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори.






