Ковачевски по веста за посетата на Јотова на Албанија: Aлбанските власти гарантираат дека ќе спроведат попис по светски стандарди

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека земјава има добиено гаранции од албанските власти оти пописот што годинава треба да се одржи во Албанија ќе биде спроведен согласно светските и стандардите на Еуростат исто, како што рече премиерот, како што беше спроведен и пописот во земјава.

Ковачевски ова го изјави откако беше прашан како ја коментира посетата на Албанија од страна на потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која, како што објавија бугарските медиуми, е во пресрет на националниот попис на населението во оваа земја. Пописот, како што додаваат бугарските медиуми, е значаен момент за бугарското национално малцинство во Албанија откако тоа беше признаено во 2017 година.

На агендата на бугарската потпретседателка, меѓу другото, е посета на селото Големо Острени. Селото е лоцирано на крајниот источен дел на Албанија и е населено од претежно македонско население.

„Имаме гаранција од албанската власт, којашто е членка на НАТО, дека пописот во Албанија ќе биде спроведен исто како и кај нас со сите светски стандарди по стандардите на Еуростат, исто како што беше спроведен кај нас“рече Ковачевски.

Додаде дека С Македонија и актуелната власт му помагаат и ќе продолжат и натаму да му помагаат на македонското население во Албанија на многу начини.

„Јас и моите колеги пред еден месец на нашите Македонци во Албанија им дониравме опрема за расчистување на патишта. Исто така, министерот Бујар Османи беше дел од еден поголем проект за донирање на училишен прибор за нашите Македонци што живеат во Албанија и ние како држава ние ќе продолжиме да ги помагаме“додаде премиерот.

Ковачевски се сретна со Македонци од Голо Брдо – им донираше градежна машина и светилки за улично осветлување

Рече дека актуелната власт никогаш не побарала Македонците во Албанија да направат нешто за која било политичка структура во С Македонија, нешто што, додаде Ковачевски, го правеше владата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако се сеќавате, владата на ВМРО-ДПМНЕbтокму нашите Македонци од Албанија ги носеше во Скопје за да гласаат и за да можат да ја сменат волјата на граѓаните на Општина Центар во однос на изборот на градоначалник кога по три гласања беше избран градоначалникот Жерновски. Нашиот пристап е сосема друг“,изјави Ковачевски.

Освен посетата во месностите со доминантно македонско население, бугарската потпретседателка ќе ја отвори новата учебна година во бугарското неделно училиште во градот Елбасан. Планирани се и средби со претседателот Бајрам Бегај, со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку, со претседателката на Собранието, Линдита Никола, со министерот за внатрешни работи Таулант Бала.

Back to top button
Close