Етничко медиумско известување: Во 2024 година државата ќе ја водат aлбанците од ДУИ?
Целата државна власт во 2024 година може да биде концентрирана во рацете на Демократската унија за интеграција, партија која е на власт од 2002 година до денес, со единствен прекин од 17 месеци во годините 2006-2008, кога нејзиното место го зазеде Демократската партија на Албанците. Хипотезата во форма на медиумска претпоставка деновиве ја покренаа два медиума, кои веќе подолго време се истакнуваат за негативни ставови кон власта, која ја критикуваат за неуспеси во внатрешната и надворешната политика.
ТВ Алфа: Власта во рацете на ДУИ
На 12 октомври 2023 година, телевизијата што има национална терестријална лиценца, Алфа, медиум со јасна уредувачка политика против владата, прва објави телевизиски прилог со наслов, “Талат Џафери претседател, Артан Груби премиер- Ковачевски и Ахмети ќе ја однесат цела држава во рацете на ДУИ?!“.
Во телевизискиот прилог се истакнува:
“ЏАФЕРИ ПРЕТСЕДАТЕЛ И СПИКЕР, АРТАН ГРУБИ ПРЕМИЕР – ИНАЕТОТ НА ВЛАСТА ДА НЕ ПРИФАЌА ОДРЖУВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ И ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ ВО ИСТО ВРЕМЕ, МОЖЕ ДА ЈА ДОВЕДЕ МАКЕДОНИЈА ЦЕЛОСНО ВО РАЦЕТЕ НА ДУИ. КАКО ШТО Е ВЕЌЕ ПОЗНАТО ВО ПОСЛЕДНИТЕ 100 ДЕНА ОВАА ВЛАДА ЌЕ БИДЕ ПРЕДВОДЕНА ОД ПРЕМИЕР АЛБАНЕЦ НА ПРЕДЛОГ НА ПАРТИЈАТА НА АХМЕТИ, А ЕВЕНТУАЛЕН НЕУСПЕХ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ, БИ ЗНАЧЕЛО ДЕКА СОБРАНИСКИОТ СПИКЕР ЈА ПРЕЗЕМА ПОЗИЦИЈАТА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДРЖАВАТА, А ТОА Е ТАЛАТ ЏАФЕРИ.“
ТЕЛЕВИЗИСКИОТ ПРИЛОГ ГО НАГЛАСУВА ФАКТОТ ДЕКА ПРЕМИЕРОТ ОД РЕДОВИТЕ НА ДУИ ЌЕ БИДЕ СО АЛБАНСКА ЕТНИЧКА ПРИПАДНОСТ. АЛФА ИЗВЕСТУВА ДЕКА “СПОРЕД ДЕЛ ОД ПОЗНАВАЧИТЕ ОВА СЦЕНАРИО Е МОЖНО ЗАТОА ШТО ПОСТОИ ГОЛЕМА ВЕРОЈАТНОСТ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ ДА ПРОПАДНАТ АКО СЕ ОДРЖАТ ОДВОЕНО ОД ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ, ПРЕД СЕ ЗАРАДИ ВИСОКИОТ ЦЕНЗУС ВО ВТОРИОТ КРУГ.“
Но, овој медиум ја манипулира јавноста, бидејќи иако пишува дека консултирал неколку познавачи на политичките околности, всушност само ја пренесува изјавата на Пекевски, чие име не го споменува (Синиша), ниту дека тој зборува во својство на политички аналитичар.
Понатаму во прилогот се нагласува:
“ИАКО РЕЧИСИ СИТЕ СЕ НА СТАВОТ ДЕКА НЕМА НИКАКВА ЛОГИКА ВО САМО ДВА МЕСЕЦИ ДА СЕ ОДРЖУВААТ ДВА ИЗБОРНИ ЦИКЛУСИ, ВЛАСТА ВО МОМЕНТОВ ОСТАНУВА ЦВРСТА НА СТАВОТ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ И ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ ДА СЕ ОДРЖАТ ВО ДВА ТЕРМИНИ, ШТО ЌЕ ЗНАЧИ ДВОЈНО ПОВЕЌЕ ТРОШЕЊЕ НА ДРЖАВНИ МИЛИОНИ ЕВРА.“
Но, новинарот Матеја Петровски и на крајот на прилогот манипулира со јавноста, бидејќи не кажува кои се „речиси сите“ кои се на ставот дека двата изборни процеси треба да се одржат заедно. Значи, не ги идентификува изворите, туку известува со претпоставки.
Плусинфо: Власта во рацете на Албанците
Порталот Плусинфо се приклучи во хипотетичкото известување за водењето на државната власт следната година од Албанците што ќе ги предложи ДУИ.
Во написот со наслов “ПОСТОИ ЛИ ПЛАН ЗА ТАЕН БОЈКОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ? Две сценарија за „политички атентат“ врз Мицкоски што можат да го спасат СДСМ од катастрофален пораз“, Плусинфо истакнува:
“ДОКОЛКУ НЕ БИДЕ ИСПОЛНЕТ ПОТРЕБНИОТ ЦЕНЗУС ОД 40% НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ, ТОГАШ ТРИТЕ НАЈВИСОКИ ФУНКЦИИ ВО ДРЖАВАТА – ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДРЖАВАТА, ПРЕМИЕР И ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО ЌЕ ГИ ИЗВРШУВААТ АЛБАНЦИ.“
Овој портал, не почитувајќи го уставниот принцип дека секој има право да избира и да биде избран, без оглед на етничката припадност, шпекулативно прејудицира дека власта во иднина ќе ја раководат Албанците, известување што може да влијае на зголемување на меѓуетничката нетрпеливост кај граѓаните.
Порталот што го води познатиот новинар Бранко Героски оди дури уште подалеку, засилувајќи го етноцентричниот наратив чиј поттекст е „Албанците ја земаа државата во нивни раце“, иако тие се државјани, со права и исти уставни и законски обврски како и сите граѓани.
“УШТЕ ПОИНТЕРЕСНО Е ТОА ШТО ОСВЕН ТРИТЕ НАЈВИСОКИ ДРЖАВНИ ФУНКЦИИ, НА СВОИТЕ ПОЗИЦИИ НАЈВЕРОЈАТНО ЌЕ ОСТАНАТ И ПРВИОТ ВИЦЕПРЕМИЕР, АКТУЕЛНИОТ ВИЦЕПРЕМИЕР ЗА ЕКОНОМСКИ ПРАШАЊА И АКТУЕЛНИТЕ МИНИСТРИ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ, ЗА ФИНАНСИИ И ЗА ЕКОНОМИЈА – СИТЕ АЛБАНЦИ И СИТЕ ОСВЕН СДСМОВЕЦОТ ФАТМИР БИТИЌИ, КАДРИ НА ДУИ.
ПАРТИЈАТА НА АЛИ АХМЕТИ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОФАЛИ ДЕКА НИКОГАШ ВО ИСТОРИЈАТА АЛБАНЦИТЕ, БЛАГОДАРЕЈЌИ НЕМУ И НА ДУИ, НЕМАЛЕ ВАКВА ЦЕЛОСНА ДОМИНАЦИЈА ВО ИЗВРШНАТА ВЛАСТ ВО МАКЕДОНИЈА.“, ИЗВЕСТИ ПЛУСИНФО.
Како што може да се види, овој портал избегнува да го користи уставното име на државата, Република Северна Македонија, што е во согласност со ставовите на македонските опозициски партии.
Прашањето на новинарот – причина за Битиќи да ја напушти прес-конференцијата
Еден ден по медиумското известување од 12 октомври 2023 година, на прес – конференција пред новинарите по посета на една компанија, на која учествуваа премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Фатмир Битиќи, истиот новинар на ТВ Алфа, Матеја Петровски, му го постави на Ковачевски следното прашање:
“ВИЕ ОСТАНУВАТЕ НА СТАВОТ ДЕКА НЕМА ДА ИМА ЗАЕДНО ПАРЛАМЕНТАРНИ И ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ, ПОРАДИ ВИСОКИОТ ЦЕНЗУС ВО ВТОРИОТ КРУГ ИМА ОПАСНОСТ ДА НЕ УСПЕАТ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ, А ИМАТЕ ДОГОВОР ПОСЛЕДНИТЕ 100 ДЕНА ДУИ ДА ПРЕДЛОЖИ ПРЕМИЕР, ДАЛИ СТЕ СПРЕМНИ АКО НЕ УСПЕАТ ИЗБОРИТЕ ТАЛАТ ЏАФЕРИ ДА БИДЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ, А ОД ДУИ ПРЕМИЕР, ПА ЦЕЛАТА ДРЖАВА ДА БИДЕ ВО РАЦЕТЕ НА ДУИ?“
На ова прашање реагираше вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој ја напушти прес-конференцијата изјавувајќи: “Мислам дека јас не треба да стојам тука на вакво прашање.“
Премиерот Ковачевски, иако не треба да ги оценува пристапите на новинарите и да коментира за нивната работа, прашањето го оцени како апсолутно некоректно.
Насловот на прилогот на ТВ Алфа од овој настан беше “„Нервозна“ власт: Битиќи реши да си замине кога слушна прашање за ДУИ, Ковачевски кажа дека било некоректно прашањето“.
Медиумите поделени околу постапката на вицепремиерот и одговорот на премиерот
Медиумите кои имаат антивладина и про-опозициска уредувачка политика ја осудија постапката на вицепремиерот Битиќи, која ја опишаа како нервозно напуштање на прес-конференцијата. Еден портал дури толкуваше дека Битиќи со заминувањето го омаловажил својот шеф, претседателот на владата.
Некои од насловите на про-опозициските медиуми беа:
- Битиќи нервозно ја напушти прес-конференцијата на Ковачевски оти не му се допадна прашањето за целосно владеење на ДУИ со државата. (Нетпрес, 13 октомври, 20230)
- Битиќи се налути од прашањето за Ковачевски дали ќе ги бојкотираат претседателските избори. (Република, 13 октомври, 2023).
- БИТИЌИ НЕРВОЗНО ЈА НАПУШТИ ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈАТА СО КОВАЧЕВСКИ На вицепремиерот не му се допадна прашањето за целосно владеење на ДУИ со државата. (Плусинфо, 13 октомври, 2023)
Порталот Лидер.мк од прес-конференцијата извести со наслов “И Битиќи го понижи Ковачевски, го остави сам да се правда зошто ќе ја остави цела влада и држава на ДУИ, Ковачевски се бранеше дека прашањето било некоректно“
Лидер извести дека “Како се ближат парламентарните избори, така се повеќе се зачестија кавгите на министрите во владата на СДСМ и ДУИ со новинарите, што според некој е одраз на паника и страв кај владејачката коалиција“.
Но, овој портал ја користи формулацијата „според некои“, не идентификувајќи ги изворите на информациите, иако не е исполнет ниту еден критериум за изворите да имаат анонимност.
Од друга страна, порталите на албански јазик и некои македонски медиуми известија за случката коректно и неутрално.
Како што често се случува, некои портали на албански јазик известија со копирање на прилогот на телевизијата со национална лиценца, Алсат, која извести со наслов „Битиќ ја напушти прес-конференцијата, поради прашањето што новинарот му го постави на Ковачевски“.
Медиумите кои ја копираа содржината (Алмакос, Инаонлајн, ТВЊуз), што се потврдува и од порталот агрегатор на вести на албански јазик Fax.al, го прекршија професионалниот стандард што подразбира наведување на медиумскиот извор од кој е преземена веста, затоа што во спротивно се работи плагијат, што е забрането со Етичкиот кодекс на новинарите.
Телевизија Алсат и во информативното издание на македонски јазик извести коректно, додека насловот беше „По новинарско прашање Битиќи ја напушти прес-конференцијата“.
И Телевизија 21 имаше коректно известување за заминувањето на Битиќи. Изданието на вестите на албански јазик и на македонски јазик објавија ист наслов на новинарскиот извештај: „Нема потреба да останам овде за ова прашање. Битиќи замина, Ковачевски му се обраќа на новинарот: Не е коректно!“. Ова докажува дека оваа кабловска телевизија негува унифицирана уредувачка политика, бидејќи на двата јазика се следи иста линија на прикажување на настаните.
Два други медиуми на македонски јазик, за кои може да се каже дека се критични кон власта, известија на неутрален начин:
- Битиќи ја напушти прес-конференцијата по прашањето за целосно владеење на ДУИ – Ковачевски го оцени како некоректно (Нова Македонија, 13.10.2023).
- Јас мислам дека не треба да стојам тука на вакви прашања – Битиќи ја напушти прес – конференцијата (портал Фактор, 13.10.2023).
Заклучоци
Евентуалното потфрлање за достигнување на изборниот праг на претстојните претседателски избори и политичкиот договор меѓу СДСМ и ДУИ дека премиерот во последните 100 дена од владиниот мандат ќе припадне на партијата на Ахмети, поттикна некои про-опозициски медиуми да ја конструираат тезата дека идната година трите главни функции во државата ќе им припаднат на Албанците, односно на ДУИ.
И додека ТВ Алфа го прикажува својот пристап дека функциите ќе паднат во рацете на ДУИ, напоменувајќи дека во последните 100 дена владата ќе ја води премиер Албанец, порталот Плусинфо не се двоуми да извести дека е изгледно трите главните функции во државата (но и други високи владини функции) да бидат во рацете на Албанците. Ова известување не е соодветно за едно мултикултурно и мултиетничко општество, бидејќи може многу да влијае на заострување на кревките меѓуетнички односи.
Ваквите медиумски наративи можат да предизвикаат страв и загриженост кај Македонците дека ја губат доминацијата во политичката институционална сфера и моќта се пренесува на Албанците, додека кај Албанците можат да создадат лажни надежи и еуфорија, верувајќи дека државата ќе ја водат луѓе што се припадници на нивната етничка заедница.
Како и секогаш кога се работи за прашања што ги допираат етничките димензии, како што е дебатата за тоа кој ќе ја води државата во 2024 година, дел од медиумите на македонски и албански јазик покажуваат фаворизирачки пристапи, базирани на етнички или колективни интереси.
Сефер Тахири
(Авторот е универзитетски професор од областа на новинарството и јавните комуникации)
Извор: СМК