СОМОВИ И МЕЧКИ

Власта можеби ја добива битката за ЕУ во Брисел. Ама дома ја губи. Можеби навистина, како што ни вика Маричиќ, ЕУ ја гледа Македонија како идна земја-членка како што не ја гледала никогаш досега. Ама ние дома не ја гледаме. И тоа не само поради недовербата дека ЕУ воопшто ќе испорача членство и нема уште еднаш да нѐ изневери дури и да ги ставиме Бугарите во Уставот. Туку уште повеќе дека тука нема политичка волја да се среди државата, од погрешно парткирање до корупција на високи функционери. Колку што ЕУ е виновна за својата дволичност и лажливост, уште повеќе нашите политички елити се виновни за неправење реформи. Успешни се само во неспроведување на веќе направените реформи.

По 30 години замор и разочарувања, веќе не нѐ интересира што ќе ни донесе ЕУ во некоја далечна иднина. Нам ни е важно што ни носи Владата сега? – Ништо. Што ни носат локалните власти сега? Ништо. Не само што не ни носат, туку и ни земаат.

Ни ги одзедоа правдата и правдината.

Ни го одземаат животниот простор, тротоарите, улиците, парковите, шумите, планинините…

Ни ги одземаат водите и чистиот воздух.

Ни го одземаат квалитетот на живот со коруптивно менување урбанистички планови, без инфраструктура што ќе го поддржи градењето без усул.

Ни го одземаат спокојот затоа што кафеанџиите им се многу поважни од граѓаните на кои им пречи силеџиската бучава.

Ни го одзедоа јавното здравство, ни го одзедоа школството…

Едноставно, како да ни ја одзедоа и надежда и вербата дека може ќе биде поарно. Не мора да зборуваме за европски вредности. Овде не се почитува никаква вредност. Овде ни животот нема вредност.

И кога сето ова ќе им го кажеш, веднаш ќе те обвинат за евроскпетицизам.

Не бре, луѓе. Не сме ние евроскептици. Ние само не дозволуваме да ни ја потценуваат интелигенцијата.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close