Судир меѓу полицијата и приврзаниците на опозицијата на антивладин митинг во Бангладеш
Најмалку еден полицаец загина, а десетици се повредени во судири на локалната полицијата и опозициски демонстранти во Дака, главниот град на Бангладеш.
Полицијата употреби солзавец за да ги растера приврзаниците на главната опозициска партија кои фрлаа камења врз нив за време на митинг.
Насобраните побараа оставка од премиерката Хасина Вазед, како и непартиска преодна влада да ја преземе власта до следните избори.
Портпаролот на полицијата во Дака, Фарук Хосеин, изјави дека насилството избило на најмалку 10 места во Дака, каде безбедносните сили се судриле со опозициските активисти кои ги нападнале и ги запалиле нивните возила.
Портпаролот на опозицијата Захирудин Свапан рече дека повеќе од милион активисти се приклучиле на нивниот митинг, но Хосеин процени дека имало околу 200.000.
Главната опозициска националистичка партија на Бангладеш е предводена од поранешната премиерка Каледа Зија.