Шаќири: Ќе побарам одговорност ако наставните програми за седмо одделение не бидат готови до крајот на ноември
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири ќе бара одговорност од Бирото за развој на образованието (БРО) доколку со крајот на ноември не бидат подготвени наставните програми за седмо одделение согласно новата концепција за основно образование.
Шаќири вели дека изработката на наставните програми до ноември ќе значи дека ќе нема доцнење со изработката на учебници за седмоодделениците.
„Оваа учебна година дадов краен рок, а тоа е крајот на ноември. Ако програмите не стигнат дотогаш, ќе побарам одговорност. Ако од крајот на ноември имаме неизработка, недостава и непечатење на учебници за наредната година тогаш навистина треба да има одговорност затоа што имаме осум месеци за изработка, печатење, корекција, ревизија на сите учебници“,рече Шаќири.
Шаќири очекува дека процесите што зависат од БРО ќе бидат навремени затоа што Бирото има и нов директор.
„Во Бирото имаме нов директор, не е тој што беше претходната учебна година. За разлика од лани, оваа учебна година немаше доцнење на свидетелствата, а и наставните програми за трето одделение беа доставени навреме и учебниците не доцнеа“,додаде Шаќири.
Во врска со испораката на учебниците за шесто одделение, која доцнеше поради тоа што доцна биле готови наставните програми во март оваа година, Шаќири изјави дека таа деновиве е завршена во поголемиот дел од основните училишта во Скопје и во другите градови.
„Од економскиот оператор имаме информација дека има достава на учебници во поголемиот дел од училиштата. Ако во одредено училиште тие не се доставени, ќе побарам од моите служби и од Педагошката служба денеска да анализираат каде нема, иако не зборуваме за поголем дел училишта. Учебникот по приодни науки, математика, македонски јазик графичко технички и постапките за печатење се сите завршени и треба да бидат доставени до училиштата. Сите учебници одобрени од Националната комисија за учебници се испечатени и се во достава“,
рече Шаќири одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на Саемот на студии во Франција.