Факти за стечајот на Еуростандард банка

Трифун Костовски
Почитувани читатели, во денешнава колумна повторно ќе ги изнесам фактите кои укажуваат дека Еуростандард банка е однесена во стечај со умисла.
Народна банка на 12 август 2020 година ја однесе Еуростандард банка во стечај. Инструментите кои ги имаше Народна банка на располагање за стабилизирање на банкарскиот сектор, не ги искористи. Тие инструменти се : вонредни мерки, што во превод значи парични казни за членовите на Управен и Надзорен одбор и за директори на сектори, како и одземање на лиценци на сите членови од Надзорниот и Управниот одбор и директори. Такво нешто не се случи.
Исто така, прескокнат е инструментот администрација, кој вообичаено се практикува во санирање на банкарскиот сектор. Овој инструмент значеше 12 месечна контрола на севкупното работење на Еуростандард банка од страна на Народна банка, со кадри именувани од нејзе.
Стечајот Народна банка требаше да го обзнани после својата едногодишната администрација, доколку навистина постоеле релевантни показатели дека банката работела надвор од регулативата пропишана со Законот за банки.
Народна банка три месеци го избегнуваше потенцијалниот инвеститор, да направи средба за негово евентуално влегување во капиталната структура на Еуростандард банка. Говорам за инвеститор кој предходно ги поминал сите проверки за негово прифаќање, како потенцијален акционер во банката.
На видео состанокот помеѓу раководството на Народна банка, Надзорниот и Управниот одбор на Еуростандард банка, кој се одржа на ден 7 август 2020 година, Народна банка прифати докапитализација од 2,4 милиони евра да се направи до 14 август 2020 година.
Банката беше однесе во стечај два дена пред истекот на рокот за докапитализација, кој беше гарантиран од страна на Народна банка.
На ден 3 септември 2020 година, во интервју за неделникот „Фокус”, госпоѓата Бежоска, тогашен и актуелен Гувернер на Народна банка, изјавува дека притисокот кон нас акционерите за докапитализација на банката бил само со цел да се обезбедат средства за покривање на сите правни и физички лица, клиенти на банката.
За информација на јавноста, пред неполни 6 месеци на стечајот, докапитализиравме 13,5 милиони евра.
Вонредната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 траеше цели 97 дена, при што како банка ни беше ускратено и правото на присилна наплата на доспеаните побарувања.
После докапитализацијата, која се случи во втората половина на февруар месец 2020 година, ни беше одземено правото банката да работи со правни и физички лица.
Почитувани читатели, Еуростандард банка како правен субјект мора секојдневно да функционира за да опстои. Со одземени права за работа со правни и физички лица, како и со времена забрана од страна на Техничката Влада за присилна наплата на доспеаните побарувања, банката беше ставена на одстрел.
Веселата математика, направена од страна на Народна банка поврзана со адекватност на капиталот, се должи исклучиво поради померување на сите доспеани побарувања во полоша категоризација. Како е возможно од 6,56% адекватност на капиталот кон крајот на февруари 2020 година и кон крајот на јули истата година, адекватноста да падне во минус?
Замислете, повеќе од 38 месеци има средства во стечајната маса за подмирувања на сите правни и физички лица. Станува збор за огромна сума на пари, за кои сум убеден дека надлежните не знаат што да направат со нив.
Самиот тим кој ја води стечајната постапка, до сега има потрошено повеќе од 4 милиони евра средства собрани во стечајната маса.
Почитувани читатели, целиот овој хир на Народна банка и нејзиниот прв човек, гувернерот Бежоска, Македонија скапо ја чини.
Сите клиенти на Еуростандард банка како штедачи ја почувствуваа оваа лична голгота.
Македонски пошти, денеска се непрепознатливи по својот статус и функционалност во споредба пред три години.
Јавноста мора да знае дека Еуростандард банка, заедно со Македонски пошти обавуваа 24% од вкупниот платен промет во Македонија.
Денес имаме руина од Македонски пошти, бидејќи ги изгубија сите пензионери вкупно 80.000 и изгубија 2/3 од сите трансакции на плаќања кои Еуростандард банка ги собираше преку банкарски услуги.
Навистина е жално, кога на истурени функции доаѓаат луѓе без знаење, искуство, но и етичност.
Ова се факти, а цената ја плаќаме сите ние.






