Која мајка изгубила чедо, нека си го побара во Охрид!?
Да не дошол Аца Лукас, на стадионот, или, Жељко Јоксимовиќ, во “Света Софија” !?

Не е шега (на почетокот велеше –шала)! Мислам на министерот за здравство Филипче. Негова е мислава, а мисли на пандемијата – Ковид 19.
Со ризик, дека ќе си го навлечам бесот на многумина, ете, решив да проговорам за моменталната наезда на Охрид, кој е буквално запоседнат: ниту има место по плажите нога да пуштиш, ниту има место колa да паркираш.
Многумина ќе ми напишат: што сакате – да дојдеме до Подмоље, да ви ги оставиме парите и да се вратиме назад! Не ви чиниT, кога бевте празни – не ви чиниT сега кога дојдовме!?
Се разбира – кога е претерано, не ни чиниТ! Затоа што и вам треба да не ви чиниТ!
Кој треба да води грижа, за да не биде претерано? Секако сите, но ние обичните, можеме да се потпреме само на грижата, хуморот и сатирата и толку. Други се тие кои се задолжени за ред и грижа!

Навечер вртам неколку крукчиња околу зградата во која живеам. Потоа, втор концентричен круг, околу повеќе згради. Ја ќе најдам место, ја нема да најдам.
Претпладне е исто. Возилото, во принцип, го стартувам само кога морам.На пример да појдам до Црвена Вода, да го навадам бавчето, дворчето, цвеќињата…Да дишнам малку чист воздух на илјада метри – високо.
Ако сакаш да бидеш среќен еден ден – начукај се,опиј се! Ако сакаш да бидеш таков еден месец, ајде, да не претерувам – една година, тогаш ожени се! Ако, пак, сакаш да бидеш среќен цел век, тогаш одгледувај, негувај цвеќе.
Поговорката е дел од кинеската мудрост. Животот ми подари два пати да ја посетам по десетина дена, доста да научам, да го видам највредното од една древна цивилизација.
Црвена Вода, пак, си ја сакам посебно. Има и зошто! Арно ама, не речи два пати!?
На одење, со возилото, по навика – кога морам, се паркирам пред зградата во која живееја моите блиски од семејството. Што по набавки, што да си ја завршам работата кај забарот, наследникот на Мирко од Велмеј. Признавам, се задржав подолго.
Се враќам назад, на ветробранот порака, еве, како изгледа во оригинал:

Не е “културно” што и јас вртам кругчиња околу зградата, ама, нека – некој туристички работник ќе земе некој денар. А, и многу писмено,нели!? Остави писменоста, излегува едно мајмунолико човечуле, се истура врз мене – чиниш пороен дожд со грмотевици! Ваков си, таков, се правиш нешто – ништо не си, од Црвена Вода си!?
Човечулево го познавам. Само пред една седмица, се најдовме во ист хотел во Трпејца, ете, онака со заеднички пријатели. Се случувало тоа и надвор од земјата – во Сандански,на пимер, во Бугарија. А не сме прозбореле ниту збор. Навреда од моја страна – ниту случајно!
Му го кажувам и тоа. Со тебе не сум бил никаде, вели, демек, од Дебрца и прасе не се зема!? Добро не си бил сомене – директно, ама пријателот на мојот пријател, би требало да биде и мој пријател, нели?
Многу ме навреди му велам- за Црвена Вода. Мислам ми ја нагласи гордоста. Ако претседателот на државата ми дошол дома, тогаш е чест и гордост, никако навреда. Ако во Втората светска војна, Петре Пирузе – Мајски седел дома со дедо ми Ангеле, тогаш не е навреда, дури и кога тоа ќе ти го каже, некој кој сака да ја нагласи својата “граждански!”, ајде попрецизно-варошки “праисход”, а заборава на една од последиците од таквото затворање во тесно грло. На пример – дебилноста, што е очигледно!
Човечучлево, се изненади од мојата ладнокрвност, богами и подготвеност да возвратам докрај: Ајде, удри, Почни, прв –му велам. Мене можеш да ме скршиш, ама да ме свиткаш, е тоа – никако!
Оп, се навредил. Не очекувал таква реакција. Не заслужуваш, вели!
Ами зошто дојде, ете така, да ме “изнавредиш” , безмалку расистички, од Црвена Вода, сум бил, а токму ти, со години си обесен, на вратот од луге кои се од Црвена Вода, мои блиски, први комшии!
Се најде во небрано, ама се снајде.Тие се добри, ти си ваков, таков, онаков, никаков…
Ами, ние никавите од Дебрца, дури и од Погорна – од мојата, ви ги обработуваме….знаете што сакам да кажам! Му ја “сплескав” и јас докрај!!!
Не е шега министре, ѓаволот одавна ја однел шегата!?
Ништо, бегај, ѓаволот е однел шегата! Градот е препол, лугето се нервозни. Арно,ама, човечулево држи, демек, туристичка агенција! Мислам – носи луге во градот – онака љубезен, пресретлив, добронамерен…
Не е шега – министре, Филипче, драг охриѓанец, уште и варошенац – дибидус! Е сега, сега, можеби, не толку, колку што се овие црниве, на кои презимето им започнува со Кара (Димче), Кара (Петре), Кара (Конџула) и слично, ама, сепак, си асли охриѓанец.
Не е шега, драг министер, ама ѓаволот ја однел шегата. Кога градот, со последнава “пробна поплава”, е на работ од експлозија (знаете на што мислам!) за она што не чека на Илинденските празници, тогаш и не се само шега коментариве што ќе ги проследам, а ги најдов групата, верувале или не: Изгубено најдено!!!
Убава дама, која “се чувствува загрижено”, напишала:. Се прашувам! Каде сите овие луѓе вечерва ќе спијат во Охрид?! И дали сите имаат сместување?! Ќе не’ издржи ли градов?!? 🙁
#OhridIzgubenoNajdeno
Одговор: Да ти кажам право, ама ич не ми е гајле, веќе. Додека јас седам дома, а моите деца ги ”казнувам” со почитување на мерки,кој сака нека спиe каде сака!
Коментар: Кај мене пред зграда, едни кавадарчани трета година “кампуваат” во две коли, наутро се плакат со вода од шишиња, а со тоалетна в’раце ја посетуваат блиската шумичка!!!
Коментар: Da ne dojde Aca Lukas?
Коментар: Крајно несериозно и застрашувачко . КАТАСТРОФА…
Прашање : Толку е значи гужва?
Одговор: Oва е многу гужва и за без Корона, а тек за со Корона.. Можеш да замислиш сега! Тотално небезбедно од секој аспект 🙁 Нема можност за почитување на мерките. Пренаселени сме моментално.
Коментар: Ova e generalna proba za pretstojniot praznicen vikend, pa da vidime dali i kolku ke izdrzime…
Коментар: Сила сме. И те како ќе издржиме. Короната ќе ја задржиме!
Коментар: Издржал градот и турско и германско, ќе издржит и скопско!
Драги скопјани, немојте да ни се лутите. Ова не е дека не ве сакаме, туку дека ве сакаме. Кога е зло, сите треба да се сакаме, ама, не и да се собереме на купче.
Она што може да се види по плажите, навистина е загрижувачко. Она што синоќа го видов пред лесковачките скари, кои шират чад се до Варошот на овој што не ги сака Црвеновочани, односно Дебрчани, а тие го љубат него, или оној(а) што е покрај него (!), е загрижувачко!

Она што пред неколку вечери го видов на кејот, кога се истури поголема група млади Пољаци и Пољачки, со високо – децибелен транзистор на грбот од едниот, е загрижувачко. Ниту еден(а) – заштитна маска! Наредниот ден, пред камерата на една од телевизиите – сите со заштитни маски!!!
Исто е пред тезгите за сладолед! Во кафулињата и ноќните клубови, е бетер од струмички – “Аватaр”!
А она пак што се прави на еден од бродовите, усидрени на кејот за уживателите да можат само едно пречекорување да се најдат на палубите, е за некој филм и некој режисер – достоен на Хичкок!
Веле Митаноски






