Кој е Љупчо Палевски – од прогресивец до радикален десничар и најпосле убиец
Друштво од маргинална политичка партија со радикална и проруска ориентација, возрасни луѓе, неконтролабилни во однесувањето. Водач на оваа група, која ги грабна и егзекутираше Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, е познатото јавно лице, особено во Скопје, Љупчо Палевски – Палчо. Во 48-часовен притвор, додека не се обезбедат сите дополнителни докази се и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Тие се дел од партијата Десна.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на прес-конференцијата соопшти дека Љупчо Палевски неколку дена по ладнокрвата егзекуција на Вања Ѓорчевска (што, најводно, ја извршил тој) заедно со својот адвокат отишол во Белград, а потоа оттаму заминал во Бугарија.
Летото 2017 година тој имаше закажан „двобој“ поврзан со Шарената револуција со новинарот Бранко Героски пред кафулето „Манда“, каде се собира новинарската фела. Палевски тогаш истури боја врз главата на Героски, а многумина од десничарските, тогаш веќе опозицициски кругови, му ракоплескаа на овој потег на Палчо. Подоцна тој почна регуларно да се појавува како гостин на опскурни портали, ширеше теории на загрозеност, имаше свој поткаст.
Тројцата приведени, кои како што кажа обвинителот Гаврил Бубевски, во своите изјави рекле дека Љупчо Палевски стрелал во 14-годишната Вања. Тешко дека може некој да објасни како може некој ладнокрвно да убие едно невино и исплашено девојче. Според тие искази, Палевски, наводно го убил и Панче Жежовски уште истиот ден кога бил грабнат, на 22 ноември. Вања Ѓорческа била убиена истиот ден кога беше грабната, на 27 ноември. Што значи дека Љупчо Палевски извршил две ладнокрвни убиства во рок од пет дена. За какво помрачување станува збор не е јасно. Жежовски, наводно бил убиен зпоради 500 евра што му ги должел на приведениот велешанец и за неговиот автомобил, а Вања за да се извлечат пари откако ќе биде уценета нејзината мајка. Но, да се убие Вања само 2,5 часа од нејзиното грабнување (во стилот на најцрините крими филмови – со заврзани раце и нозе, ставена во вреќа за спиење и пикната во гепекот на автомобилот) нема логика, а дотогаш не биле побарани пари за откуп.
Што се случувало во групата која се организирала да изврши неверојатни злосторства допрва ќе се дознава. Обвинителите, барем засега, немаат вистинско објаснување зошто Панче Жежовски бил убиен истиот ден, како и Вања Ѓорчевска. Иако приведените ја зборуваат вистината кога им кажале на истражителите каде точно се наоѓаат гробовите на двете жртви.
Дали ситуацијата во групата излегла од контрола, дали само наводниот егзекутор Љупчо Палевски добил некакво помрачување или тоа го направил ладнокрвно со целосна свест за бруталноста на постапките – засега изгледа дека уште не е јасно. Главниот актер во целава трагична приказна, која ја избезуми Македонија и која од многумина беше злоупотребена за да се искористат политички поени (па дури и да се подигнат меѓуетнички тензии), е во бегство. Дали е во Бугарија или е заминат некаде понатаму, јавноста не знае, но полицијата можеби знае, но уште не сака да каже.
Но самиот факт дека Љупчо Палевски се трансформирал од човек кој со боја излегува на „двобој“, па преку заговорнички приказни во некои десничарски медиуми, до човек кој е подготвен да убие 14-годишно девојче, па и, наводно, да го стори тоа, покажува дека во македонското општество се развиваат психопати, па дури и монструми. И тоа не некои незнајни, обични луѓе, туку познати јавни личности на кои некои медиуми со радост им отстапуваат простор. Очигледно нешто не е во ред.
извор: Независен