Левица: ДПМНЕ ја сведе инклузијата на флоскула – децата чекаат асистенти, па родителите мораат да ги крпат дупките на системот

Власта на ДПМНЕ успеа и инклузијата да ја претвори во празна мантра додека родителите на деца со попреченост во реалноста се принудени да ја работат работата што државата не ја завршила. Случајот со мајката на две седумгодишни девојчиња со аутизам, која наместо да ги остави децата во функционален образовен систем мора самата да седи со нив на часови затоа што немаат образовни асистенти, е сурова слика на една власт која зборува за инклузија, а практично ја организира така што семејството повторно останува последната и единствена линија на одбрана.

Девојчињата биле запишани во мај, документацијата и потребата од поддршка биле веќе познати, а наставата почна на 1 септември. Но на 11 септември, кога децата веќе требало нормално да посетуваат настава, ресурсниот центар „Иднина” распишува оглас за уште 127 образовни асистенти, врз основа на согласности од МОН дадени дури на 7 и 10 септември. Истиот ден „Златан Сремец” распишува оглас за уште 70 асистенти, меѓу другото и за Карпош, врз основа на согласност од Министерството издадена на 10 септември. Значи, не станува збор за проблем што ненадејно се појавил на првиот училиштен ден, туку за потреби за кои на власта ѝ притекнало да ги решава откако децата веќе седнале во клупите.

Законот не предвидува мајката да биде бесплатен резервен кадар на Министерството. Инклузијата подразбира организирана образовна, стручна и индивидуализирана поддршка, а не родител кој ризикува да остане без работа за да пополнува дупки создадени од неодговорноста на државата.

Дополнително апелираме дека мора да престанеме да ја поставуваме дилемата за избор помеѓу редовно и специјално образование. Потребите на децата со попреченост се различни и образовниот систем мора да располага со различни форми на поддршка.
Повторното овозможување упис во „Маца Овчарова” и уписите во „Иднина” се чекор кон враќање на можноста семејствата, заедно со стручните лица да го изберат решението што е во најдобар интерес на конкретното дете.

Државата мора да обезбеди и организиран, достапен превоз до овие установи.
Проблемот не завршува со училиштето. Во Македонија сè уште недостига развиена мрежа на дневни центри и услуги во заедницата каде децата со попреченост ќе добиваат квалитетна стручна грижа, а нивните родители ќе можат да работат и да обезбедуваат егзистенција за семејството.

Back to top button
Close