22 декември (Ден на ЈНА ), како повод : крик на очај и беспомошност!?

Во Охрид, делува Здружението „Титоисти“, кое го сочинуваат постари и помлади членови, некои паралелно членуваат и во Организацијата на Сојузот на борците и продолжувачи на славните традиции од НОВ, како и од Здружението на ветераните од добраната и заштитата. Со еден збор, сериозни луге и домаќини.

Секоја година, некогаш со дневни активности, некогаш, барем, со едно соопштение до медиумите и јавноста, Здружението се огласува по повод денешниот ден, 22 декември,кој, во заедниочката југословенска заедница се славеше како Ден на Југословенската народна армија (ЈНА).

-„Во редот големи датуми во СФРЈ, едно од најзначајните места го зазема и 22 декември. Сега е вистинско време, постарите генерации да се потсетат, а оние помладите да научат нешто повеќе за значењето на овој датум, на кој во текот на Втората светска војна, во градот Рудо, во Босна и Херцеговина, формирана е Првата пролетерска народно-ослободителна бригада, како дел од партизанските единици. Оваа воена формација е предвесник на ЈНА, која своето конечно име го добива на денешен ден, 1951 година, а се третираше како четврта воена сила во Европа“, потсетуваат од Здружението „Титоисти“ од Охрид.

ЈНА беше моќна сила

На крајот на осумдесеттите години, ЈНА имаше над 220.000 постојани членови под оружје, а во случај на војна, со мобилизација, може да порасне на над 1,5 милиони луѓе.

Според многумина, ЈНА беше трета воена сила во Европа, а некои ја оценија како петта или седма во светот. По крајот на Втората светска војна, со повеќе од 800.000 борци и целата логистика, таа беше на самиот врв на европските армии, на победничката и антифашистичката страна.

22-ри декември, се славеше и како Ден на граничарите на ЈНА. Во Македонија, најчувани беа границиоте кон Бугарија и кон Грција, каде имаше единици, на ниво на корпус. Најголемите мирнодопски воени вежби, понекогаш со боева муција, се одржуваа после Крива Паланка и во Битолско-прилепскиот крај.

По осамостојувањето на републиките од бившата федерација, согласно стандардите н а НАТО, кај нас нема повеќе гранични караули на нашата армија, а таа задача ја презеде полицијата, со посебните, погранични служби.

Во случајот на Охрид, тие се и просторно одвоени од редовните полициски единици. Сместени се во објект на некогашната касарна на ЈНА, односно АРМ, која го ниси името на нашиот генерал Васко Карангелевски.

Охридската касарна, на ниво на полк, за времето на ЈНА, беше такавикана “ наградна” (кичевската беше “казнена”!), не само поради атрактивноста на градот, туку поради фактот што во Охрид, за команмданти се испраќаа перспективни офицери, кои, од Охрид, заминуваа на Високоштабна акдемија во Белград и завршуваа како генерали на ЈНА. Еден од нив беше и Ратко Младиќ.

Постоењето на охридските „Титоисти“, како и ова мое потсетување, не е никаква жал за ЈНА и за Југославија. Во мојов случај, е иеден крик на очај и неможност нешто да се промени во позитивна смисла.

Имено.

Во кругот на охридската касарна, покрај извонредно созиданите, со брачки камен, згради каде престојуваа војниците, постои и извонреден објект во кој беше сместена командата на единицата.

Таа зграда, се наога на само стотина метри од зградата каде, дене и ноќе, престојуваат припадници на полицијата, попрецизно Граничната полиција.

Тогаш, како е м ожно, некој, или некои, командната зграда да ја сардисаат и покрадат до “гола кожа”? Однесено е се што имало вредност и можело да се продаде по пазарите и стовариштата за отпад! Дури се откорнати и каблите, за да се продадат за стар бакар!!!

Како е тоа можно, никој да не забележи, нииту да провери каде се продавани бакарните кабли, или другите елементи од опремата? Тоа не е сторено за еден ден, или една ноќ. За тоа мора да постоела организација, затоа што во кругот на касарната се влегували и со товарно визило!!!

Касарната, сега го менува својот лик. Добива нови содржини, мегу другото, и првиот голф-терен во Македонија. Тоа е добро и треба да се поздрави, во тоа преднички локалната самоуправа од Охрид.

Но, каде се министрите за одбрана, министрите за внатрешни работи (полицијата), а и не само тие, кои во изминативе години, и децении, дозволиле, пред очите на сите, да се одвива ваква кражба и да се прави ваков пустош?

И дали е тоа жал за ЈНА, или крик на очај и беспомошност!?

Веле Митаноски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close