УСТАВНА МАГИЈА- ПОЛИТИЧКА ЕГЗИБИЦИЈА
На редовните дебати во НКЕУ (Национална конвенција за Европска Унија) во рамките на дебатите во поглавјето 23 правосудство и основни права неколку пати познати судии, интелектуалци, пратеници, политичари од разни профили дискутирале за реформите во правосудството.

Едно размислување кое често пати се повторуваше на тие дебати беше дека Уставниот суд како многу важна институција во правосудниот систем не ја одигрува својата функција во одбрана на човековите права и слободи и треба да се најдат модуси на неговото реформирање (Маргарита Цаца Николовска , Владо Камбовски и други) .
Претседателката на Уставниот Суд неколку пати ги советуваше пратениците да не го одложуваат процесот на избор на судиите оти во прашање е функционирањето на Уставниот Суд!
За да ги демантираат гласините на јавноста дека уставните судии ги зафатил „зимски сон„ и дека навистина се во функција на одбрана на судиските (човековите) права и правата и на високите именувани и избрани функционери, (претседатели на општини, министри, пратеници, претседатели на државата)на 21 март оваа година укинаа два члена од Законот за плати и надоместоци на функционерите, со кое овозможува зголемување нивните плати во висина од 78%.
Додека работничката класа (пролетери обединете се!) со голем гнев ја прими жалната вест, високите функционери тајно беа презадоволни но јавно „не се сложија„ со оваа одлука на Судот и се заканија дека таквите плати ќе ги донираат во хуманитарни цели. Јас сум убеден дека моите пријатели Пендаровски и Муцунски и други кои се изјасниле навистина така мислат и делуваат но според мене работата не е до хуманоста туку до уставната рамноправност на граѓаните според социјалната положба, позицијата во општеството, полот, етничката припадност која според мене драстично е прекршена со оваа одлука!
И така дојде до еден парадокс: пролетерите на „слободни и демократски„ избори ги избираат нивните претставници во судската,законодавната, извршната и локалната власт, за да овие после енормно, во нивно име. изгласуваат и поништуваат закони со кои ги зголемуваат нивните лични позиции и привилегии, а во прв ред платите до 78% во однос на платите на пролетерите, за кои сега “не е време“ според професор Ристески, потпретседател на Синдикатите, да се зголемуваат ниту 10% оти немало пари во буџетот!!!
Примијќи ја оваа „недобра„ вест премиерот Ковачевски, млад политичар „европски настроен„ кој сака Република Македонија да ја внесе во Европа ( наспроти постарите политичари кои тоа „не го сакаат„) како голем почитувач на Уставот и законите, на европски манир, изјави:
„ Одлуката на Уставен суд е конечна, таа не може да се интерпретира ниту пак може да се носат одлуки кои што дерогираат одлука на Уставен суд бидејќи тоа е тешко казниво дело“.
Премиерот Ковацевски тогаш вети дека платите во јавниот сектор ќе се решаваат системски со нов закон кој што е во процедура.
Многу време помина од тогаш и законот сеуште е во процедура и не се знае до кога тоа ќе биде оти премиерот дење и ноќум на разни трибини ја убедува опозицијата ги убедува граѓаните колку добро е некој да зема висока европска плата иако не сме ЕУ туку Западен Балкан.
ГОСПОД ЈА СПАСИ МАКЕДОНИЈА!
Во таа прилика се огласи и фамозниот прв вицепремиер за политички систем:
Господ мислеше на нас „пролетерите„, отприлика се изјасни тој. За нас е голема среќа што судиите ги укинаа членовите на Законот. Каква катастрофа ќе не најдеше да судиите ги поништија тие членови? Тогаш резилак ќе станеше, ќе требаше да им даваме на функционерите пресметани пари со камата за неколку години и милиони и милиони евра од државната каса!!!
Потоа се изјасни и вицепремиерот за економски политики кој потешкотиите за донесување на нов закон за плати и надоместоци ги опиша и како спротивставување од дел на функционерите на власта, (а меѓу нив најглавни биле дел од пратениците) за донесување нс тсков закон.
Преведено на јазик на реалноста-новиот предлог закон нема да помине на собраниска процедура затоа што дел од пратениците нема да го изгласат. Додека изборите се приближуваат останува енигмата со што ќе ги мотивираме пролетерите со мизерни ниски плати да изледуваат да гласат за мизерија на народот и луксуз за политичарите
И додека Макрон, Шолц, Рама и други европски лидери слободно шетаат низ нашата Северна Македонија да не убедат дека Бугарија била милостива кон нас и ќе го задржи зборот дека нема да ни постави додатни услови и ние( пратениците пролетери) треба да гласаме за уставните измени за влез во Европа, нашите избрани и именувани претставници високи функционери веќе станале дел од Европа и неколку месеци земаат европски плати: од 2000 евра и нагоре додека ние пролетерите сеуште живееме во Западен Балкан и земаме балкански плати!!! Сепак нашата иднина е „светла„ ако станеме земја членка на ЕУ: за тогаш властите не ветуваат многу поголеми плати!
ШТО ТОА БЕШЕ СУДСКИ АКТИВИЗАМ?
Пратениците кои беа „европски настроени„ (ДУИ, албанската опозиција на чело со „Беса„и Движењето за промени LPRDSH и СДСМ) во 2017 год го изгласаа Преспанскиот Договор. Во графата „нацоналност„ тие ја прифатија солуцијата „’македонско/граѓани на Република Северна Македонија„ наместо дотогашното решение „националност-Република Македонија„ која компромисно ја утврдивме јас како координатор на пратеничката група на ПДП, коалиционен партнер и Владо Поповски во име на Владата во 1992 год. подготвувајќи го Законот за државјанство.
За да „даде отчет пред гласачите на „Беса„ Билал Касами во 2017 год.се договорил со Зоран Заев во образеците на личните карти да се внесе графата „националност„ во која би се истакнала и етничката припадност на граѓаните. Во врска со ова Заев вака тогаш се изјаснил: „Во делот на процесите на преговорите повеќе учествувам како претседател на СДСМ. Да не бидат лошо пренесени пораките во јавноста, уште еднаш ќе кажам дека БЕСА е принципиелно поставена, како што се и осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои се први, не и единствени, заштитници на идентитетот македонски. Суштината на БЕСА е преку формулацијата ’македонско/граѓани на Република Северна Македонија‘ да не се остави впечаток дека Албанците Турците, Србите Власите Бошњаците и Ромите ќе бидат Македонци. Се изнаоѓаат техничките аспекти на решението. Секако државјанството е македонско и така и ќе остане…„ (Сакам да кажам 10 јануари 2019)
-„Не гледам проблем во тоа, на личната карта да стои дека сум Македонец. Апсолутно не гледам причина. За жал, има и такви парламентарни партии кои од страна му служат на Зоран Заев, кои се обидуваат да го спречат тоа. Јас навистина не гледам проблем зошто во мојата лична карта да не стои мојата национална, етничка определба дека сум Македонец, рече Мицкоски, додавајќи дека некој тоа сака да го спр ечи. (Нетпрес, 13 февруари 2021).
Претпоставувам дека во континуитет на почитување на меѓупартиските договори на коалционата власт веднаш по неговото именување за министер за правда, Кренар Лога потпиша упатсво за примена на Законот за матична евиденција, донесен во 1995 кој предвидуваше во матичната книга да се води податок за националноста на родеителите.
Овој пат Уставниот Суд, како никогаш досега се разбуди од сонот и во септември оваа година ја извести јавноста дека ќе покрене постапка за оцена на уставноста на упатсвото (затоа што била објавена после 17 дена а не после седум дена!).
Содржината на пресот на портпаролката на Уставниот Суд секако дека била најрадосната вест во нејзината кариера за поранешната министерка за правда Рената Дескоска која на нејзиниот фејзбук брзо му честита на Судот и почна да му дава лекции „повикувајќи се на меѓународните акти кои ги имаме потпишано и ратификувано би била одлична вест, доколку како епилог на таа постапка Уставниот Суд го поништи новото упатсво (првото упатсво донесено во 2010-дополнето во 2015 год.) а го укине спортниот дел од законот
Восхитувајќи се на „советите„ на поранешната министерка Рената Дескоска , која за време на нејзиното министерување едино корисно што го направи беше да се самопредложи за член на Венецијанската Комисија, Судот (согласно Правилникот) ја донесе најавената одлука која има идентични елементи на размислувње како Дескоска.
После таа одлука на Судот, со ретроактивно дејство, и после неколку неуспешни седници на советот за истото прашање, тој дел на Законот од 1995 год. како и упатсвото на министерот Лога се укинати на средината на месецов со следното образложение Според Судот, посочува портпаролката Христина Беловска, (Вечер, 20.12 2023) припадноста кон одредена нација е приватно и внатрешно чувство на секој поединец и е негово право да одлучи дали ќе биде припадник на одредена нација, дали ќе се изјасни за сопствената националност, но и да се повика на правото да не се изјаснува за ова. Токму поради тоа е поведена постапката.
Лично, потполно со сложувам со образложението на Судот дека тоа е лично право на поединецот да одлучи, но за да некој одлучи мора да има графа на прашање. Со укинување на графата Судот му го одзема правото на поединецот да одлучи. На тој начин на личноста му се дава правото да се определува за етничка припадност или воопшто да не се изјасни со правна поука дека изјаснувањето не е обврзно.
Се разбира дека овој не ми е единствен стручен аргумент.
Аргументите на Дескоска за тајноста на личните податоци не држат затоа што такво нешто имаме законска рамка.
Постоечките лучни карти имаат лични податоци кои подлежат на заштита од страна на законот и за такво нешто има посебна заштита и посебна процедура. И од тоа не треба да се направи некоја посебна драма.
Судејќи според гласањето на последната седница како и изјаснувањето на неколку судии по ово прашање се поставува прашањето со какво мнозинство Судот ќе донесе одлука за истото прашање и дали тоа ќе биде уставно валидно?
Мухамед Халили






