(ВИДЕО) Нова најава од контроверзниот Срѓан Ного за убиството на Вања и Панче: Ексклузивните снимки ги најави за денеска ама ќе ги објавел утре

Најавите на контроверзниот српски политичар Срѓан Ного дека денеска на неговите канали на социјалните мрежи ќе ги објави сите снимки со кои располага, како и детали за тоа кој и како го решил случајот со двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, засега резултираа со објава на кратко видео од една и пол минута.

На почетокот од видеото Ного најавува дека утре, 6 јануари, во 12 часот, премиерно ќе може да се видат снимките од грабнувачите на Вања пред и по нејзиното грабнување, снимките од Панче Жежовски кои се од бензинска пумпа, а на кои се гледа возилото „ситроен“ во кое има две лица на возачкото и на совозачкото седиште.

Ного во денешното видео најавува дека утре ќе може да се видат и снимките од разговорот со полициските инспектори на Александар Ѓорчевски, таткото на Вања.

Извор: Објава на Срѓан Ного на Јутјуб
Според најавите на Ного, таткото Александар, а не полицијата, е тој што ги открил, поврзал и ги решил случаите со исчезнувањето на неговата ќерка Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски.

Ного во најавата вели дека таткото е тој што ѝ ги предал доказите на полицијата, а потоа е неправедно осомничен, уапсен и, како што вели, медиумски сатанизиран.

Тој најавува дека ќе бидат откриени и многу други информации од истрагата кои досега биле криени од јавноста.

На половина од ова кратко видео се гледа слика од таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, и има испис дека тоа што се слуша во видеото е снимка кога Александар на полицијата ѝ ги предава доказите и го решава случајот.

„Еве тука поминува со истите тие две коли со коишто го фаќаме спроти ‘Лукоил’, значи таа е колата. Еве ги поминаа, еве последен е застанат отстрана, се враќа во рикверц, тој подзастануваше претходно на ‘Лукоил’ и сега се престројува, може право да оди. Еве го, се престројува позади ова што е ова ‘берлинго’ или не знам и продолжува. Ова е од кај ‘Папилон’, од карши, карши ‘Буњаковец’“,

ова е она што може да се слушне во овој дел од видеото, а му се атрибуира на таткото на Вања.
Ного веќе втор ден објавува фотографии и најави дека ќе обелодени информации за трагичното убиство на малата Вања и на велешанецот Панче.

Вчера објави две принтскрин-фотографии, најверојатно од видеоснимките за кои велеше дека ќе ги објави денеска, а на кои се гледа „ситроенот“ со велешки регистарски таблички во сопственост на велешанецот Панче. Тоа е возилото со кое, според досегашните сознанија на Обвинителството, е извршено грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска.

На првата фотографија се гледа возилото „ситроен“ на бензинска пумпа со две лица кои се на возачкото и на совозачкото седиште. На снимката нема датум, а според неговите претпоставки, со автомобилот управува Панче, што значи дека таа е направена во период пред тој да биде убиен и пред неговиот „ситроен“ да се искористи за киднапирањето и убиството на Вања.

Втората фотографија, која наводно е од некоја безбедносна камера спроти зградата во која живееше девојчето, според Ного, е направена истото утро кога Вања беше пречекана од киднаперите и однесена кон селото Бразда.

Од Основното јавно обвинителство Скопје, вчера, по објавата на Ного, за „360 степени“ рекоа дека сите потребни докази за утврдување на траекторијата на движењето на осомничените се обезбедени и оттука не постои никаква опасност за компромитација на истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски со објава на снимки од видеонадзор на објекти.

Инаку, Срѓан Ного, како што пишува во биографијата објавена на неговата веб-страница, е еден од основачите и водачите, прво на движењето, а потоа и на партијата Двери во Србија. За пратеник во српскиот парламент е избран на изборите во 2016 година и таму останува до 2020 година. Во 2019 година бил исклучен од партијата, а до крајот на мандатот дејствувал како независен пратеник. Важи за промотор на теории на заговор и експонент на руските интереси во регионот.

Back to top button
Close