Доајенот на македонската музика Наум Бурназ натепан во гостилница во Охрид

Доајенот на македонската опера, но и славен изведувач на македонски староградски и забавни мелодии, Наум Бурназ, бил претепан во угостителски објект во Охрид и исфрлен на улица.

За немилилата случка информира неговата ќерќа Мелита, која алармира дека нејзиниот 80-годишен татко, иако нападнат од сопствениците на објектот и со телесни повреди, бил донесен дома од полиција како тој да го предизвикал инцидентот.

Како што пишува ќерката, инцидентот се случил во скарата на кило „Мар Мар – Влашкамаала“ каде што Наум Бурназ отишол да нарача скара. Притоа, тој побарал да му испечат и пиперки на скара, а поради тоа што таму немале, тој самиот однел неколку пиперки. Сепак, иако редовен муштерија, неговата желба била одбиена, а наместо тоа следувале вербални навреди и физички напад кон него во обид да го отстранат од објектот.

Ние сме таму редовни муштерии, но затоа што одбиле да му испечат, а на други печеле, татко ми изреагирал малку понервозно ама со право! Тие повикале обезбедување и полиција. Притоаму ја турнале тешката маса на нога и го нападнале, а апостолките му ги искинале. Бидејќи тие повикале полиција, татко ми „агресивниот“ го донесоа дома бос во нозете со полиција – реагира неговата ќерка.

Таа јавно прашува како е можно 80-годишен човек од 60 килограми, со шеќер, на инсулин, со преживеан мозочен удар и стент на срцето, како и со почетна фаза на деменција, да „нападне“ неколкумина од сопствениците на објектот, за да биде потребна реакција од обезбедувањето и од полицијата и тој да биде исфрлен на улица како партал.

Дополнителен гнев кај неа предизвикал односот на полицијата, од каде на нејзината реакција за нападот врз татко и добила одговор дека тој бил агресивниот и виновникот за инцидентот.

Ниту нападнал прв, ниту повредил некого, а тој е и нападнат и повреден. Се јавив во охридската полиција и сите се поврзани, ми се развикаа дека татко ми бил агресивниот. Па до кога бре само вакви хулигани и силеџии ќе просперираат во државава наша – реагира ќерката на Наум Бурназ.

За ваквото случување од охридската полиција велат дека имало пријава до нив, но од страна на сопствениците на објектот.

Како што вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, во пријавата стои дека Наум Бурназ отишол во локалот каде што побарала да му бидат испечени пиперки, на што добил одговор дека таму не печеле пиперки туку правеле скара. На тоа Бурназ реагирал со навредливи зборови, по што бил предупреден да не се однесува така и од сопствениците, но и од полицијата.

Како што вели Димоски, во целата ситуација немало пријавено нарушување на јавниот ред и мир и затоа нема никаква постапка против некого.

Back to top button
Close