Милановиќ: Со измена на Кривичниот законик, Владата на Хрватска сака да го спречи разоткривањето на корупцијата

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ денеска ја обвини Владата за измена на Кривичниот законик со кој според него се воведува државна репресија против секој што ќе открие незаконски активности на поединци од владата на премиерот Андреј Пленковиќ од Хрватската демократска заедница (ХДЗ).
„Доколку предложените измени на Кривичниот законик бидат прифатени и стапат на сила, јас согласно моите уставни овластувања ќе ја искористам институцијата амнестија за хрватските граѓани кои се под влијание на тој закон и се казнети за откривање фаворизирање, криминал и корупција во владата“, најави Пленковиќ, кој е од опозициската Социјалдемократска партија (СДП).
Тој нагласи дека никој во Хрватска не треба да се плаши да открие информации за фаворизирање, криминал и корупција во владата во јавноста, објави неговата прес-служба во соопштението во врска со упатувањето на собраниска расправа за измените на Кривичниот законик.
„Предложените измени, правилно наречени „Лекс АП“ (Андреј Пленковиќ), со кои како ново кривично дело се воведува откривањето на содржината на истражните или доказните дејствија, недвосмислено значат воведување државна репресија врз секој што ќе и овозможи на хрватската јавност да дознае факти за незаконски постапки на поединци од власта“, се вели во соопштението од кабинетот на Милановиќ.
Тој додава дека законските измени „сакаат да го спречат јавното разоткривање на дослух, криминал и корупција, односно криминални дела извршени од поединци од власта на Андреј Пленковиќ“, што укажува дека објавувањето на таквите податоци не може да ја загрози истрагата, како што толкува предлагачот.
„Јавната достапност на податоците од истрагата може да загрози само поединци од власта“, додаде Милановиќ, оценувајќи дека тоа е причината поради која Владата предложила воведување ново кривично дело.
Претседателот на Хрватска оцени дека маневарот со кој новинарите формално се ослободуваат од одговорност за откривање содржина не ја менува целта на предложените измени, кои директно ги загрозуваат сите други, судски службеници, обвинети, адвокати, сведоци или експерти.
„А, индиректно им се закануваат новинари кои нема кривично да одговараат за објавените информации, туку ќе бидат под напад на органите на прогонот кои ќе треба на различни начини да го откријат изворот на објавените информации“, нагласи претседателот и предупреди дека новинарите би биле „заплашени и малтретирани“.
Реагираше и Хрватското здружение на новинари кое денеска ги повика пратениците да гласаат против предложеното ново кривично дело. Новинарската организација смета дека предложените одредби се штетни, без оглед на дополнително додадената ставка според која новинарите би биле ослободени од кривична одговорност во случај да добијат забранети информации.
ХНД во соопштението посочува дека воведувањето на ново кривично дело ќе има „опасни последици за новинарската професија, а со тоа и за интересот на јавноста“.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на денешната седница на Владата ги отфрли сите критики.






