Русија: Киев покажува неспособност да го исполни договорот со соборувањето на авионот Ил-76

Украинското соборување на авионот „Иљушин-76“ над регионот Белгород во Русија, при што загинаа 74 патници и членови на екипажот, меѓу кои и украински затвореници, ја покажува неспособноста на Киев да склучува договори, соопшти Министерството за надворешни работи на Русија.

– Киевските власти беа свесни за претстојната размена на воени заробеници. Тие, исто така, беа свесни за патеката по која ќе оди авионот со воени заробеници. Терористичкиот напад јасно ја покажува неспособноста на режимот во Киев да склучува договори, се додава во соопштението на Министерството.

Претходно „Украинска правда“, повикувајќи се на извори во Генералштабот на Армијата на Украина, објави дека вооружените сили на земјата денеска собориле руски воен авион Иљушин-76, но Министерството за одбрана во Киев соопшти дека не може да го потврди тоа.

„Украинска правда“ тврди дека „Иљушин-76“ носел противвоздушни ракети С-300 кои биле користени во неодамнешните напади на Харков, вториот по големина град во Украина.

Транспортниот авион „Иљушин-76“ со 65 украински затвореници, кои се превезуваа на размена, се урна денеска во руската област Белгород.

Според Министерството за одбрана на Русија, покрај украинските затвореници, во авионот имало и шест членови на екипажот, како и три придружници. Сите патници загинаа.

Back to top button
Close