Два клучни синдикати на земјоделци во Франција ги прекинаа протестите

Откако француската Влада предложи мерки за справување со проблемите на земјоделците, двата најголеми земјоделски синдикати денеска соопштија дека ги прекинуваат протестите и блокадите на патиштата, со кои се обидуваа да извршат притисок за повеќе приходи и намалување на администрацијата што ја попречува нивната работа.

Претседателот на Синдикатот на млади фармери, Арно Гио, заедно со првиот човек на најголемиот француски синдикат на земјоделци, FNSEA, одржа говор во кој ги повика членовите да запрат со блокадите, кои и покрај бројните полицајци го запреа сообраќајот на осум автопати на приодите кон Париз.

Премиерот Габриел Атал денеска презентираше сет мерки за решавање на проблемите на земјоделците кои со денови протестираат низ земјата поради ниските примања, строгите прописи и нелојалната конкуренција од увозот на храна.

„Во Европа се поставува прашањето: Има ли иднина за нашето земјоделство? Секако, одговорот е: Да!“, рече францускиот премиер.

Говорот на премиерот го следеа земјоделците преку телефони и телевизори поставени на блокадите низ Франција.

Колони трактори денеска го блокираа и седиштето на Европската Унија во Брисел, барајќи од лидерите кои учествуваат на Самит, да обезбедат повисоки приходи за земјоделците и поповолни административни услови.

Back to top button
Close