Спасовски: Во Владата денеска разговори за изградба на водоводот во Синичани
На сите граѓани без разлика каде живеат мора да им се обезбедат еднакви услови, а чиста вода за пиење е еден од тие основни услови. Надлежност во тој дел има локалната самоуправа и манипулација со граѓаните по кој било момент или аспект што се однесува при градба од ваков вид не смее да има, изјави денеска во Утрински брифинг премиерот Оливер Спасовски во врска со изградбата на водоводот во тетовското село Синичани.
-Градење на водовод подразбира обезбедување проектна документација, обезбедување градежна дозвола, и врз основа на тоа да се изгради таков објект. Сето друго е манипулација со луѓето. Неснаоѓањето да се дојде до финансиски средства со кој ќе овозможат градба на таков проект, а второ кога веќе не се снаоѓаат си велат ајде ако можеме да направиме и некој политички поен за себе, рече Спасовски, додавајќи дека не може да се остварува политички профит на маката на граѓаните.
Посочи дека вчера апелирал до граѓаните на Општина Боговиње, локалната самоуправа, дека само преку дијалог може да се изнајде едно вакво решение.
-Во Владата денеска ќе бидат присутни министрите за животна средина и за земјоделство, министерот за внатрешни работи, и градоначалникот на Општина Боговиње со претставници на заедниците од Синичани и Урвич, ќе разговараат, им дадов задачи на министрите, под покровителство на Владата, преку дијалог да изнајдеме решение. Како Влада сме подготвени да им помогнеме на граѓаните таму, меѓутоа, не на штета на едни и на други едноставно да помогнеме, да изнајдеме начин и жителите на Синичани да добијат чиста вода за пиење, истакна Спасовски.
Во врска со тоа дали имаат неофицијални разговори околу новата Влада, Спасовски повтори дека СДСМ и коалицијата таквите разговори ќе ги почнат после празникот 2 Август.
-Инаку секако дека имаме контакти со политичките партии разговараме, меѓутоа, детално околу парламентарното мнозинство, околу Владата, ќе започнат официјални разговори после Илинден, со партии кои пред се се проевропски кои имаат перспектива и визија за државата, рече Спасовски.
Обвинувањата од страна на опозицијата за купување пратенци, Спасовски ги нарече небулозни.