Со нож убиен матичен доктор пред поликлиниката во скопска Железара
Едно лице е убиено со повеќе убоди од нож во инцидент кој вчера доцна вечерта се случил пред поликлиниката во Железара, пренесе Прес24 повикувајќи се на полициски извори.
Според се уште непотврдените и неофицијални информации, станува збор за матичен доктор на кој се уште непознат сторител му нанел 9 убоди со нож од кои тој починал.
Телото го пронашол неговиот син кој веднаш повикал полиција. Според неофицијалните информации, полициските службеници се уште се на терен.
Информацијата од МВР ја потврдиле за Телма.
Имаше убиство пред „Ремедика“, за жал лицето кое беше нападнато починало на местото на нападот, прободено со нож. Од колегите дознав дека дека станува збор за наш колега доктор, изјавил утрово за Телма д-р Рихад Реџепи од итната медицинска помош..
Засега се непознати причините за убиството, а убиецот е во бегство.
Станува збор за лекар, кој бил пронајден избоден до смрт во неговото возило, потврдија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Телото на лицето со иницијали А.Т. 67 години како што информираат од МВР, го пронашле неговите синови кои тргнале да го бараат, откако тој не се вратил дома од работа.
„На 21.03.2024 во 23:09 часот во СВР Скопје било пријавено дека во сопственото возило ‘киа’ со скопски регистарски ознаки, во парк во близина на поранешна фабрика ‘Железара’, со убодни рани по телото бил пронајден А.Т.(67) од Скопје. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа“,се наведува во информацијата од МВР.
Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.
Од МВР додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот, но засега не соопштуваат повеќе детали околу смртта на лицето.
За случајот, во меѓувреме, информираа од Јавното обвинителство на РСМ, од каде велат дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на местото во скопската населба Железара. Оттаму потврдија дека станува збор за лекар, чие тело го пронапол неговиот син.
„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција, како и наредба за прибирање и анализа на сите траги пронајдени на лице место и за обезбедување на снимки од видеонадзор. Се преземаат дејствија за расчистување на настанот“,се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.