Потпишана Деклaрација за промоција и поддршка на вакцинацијата

На иницијатива на Лекарската комора истакнати претставници на научни, образовни и стручни организации денеска потпишаа Декларација за промоција и поддршка на вакцинацијата. Лекарската комора смета дека од големо значење е стручната јавност да испрати јасна и обединета порака до граѓаните за важноста на вакцинацијата како научно докажана и најефикасна мерка за спречување на ширење на заразни болести.

„Поразително е што довербата на граѓаните е разнишана до тој степен што опфатот со сите вакцини од редовниот календар на имунизација е под 90 отсто, иако за да се постигне колективна заштита потребно е тој да биде над 95 проценти. Како последица на тоа имаме епидемија на голема кашлица, а се поизвесно е дека повторно ќе се соочиме со уште една епидемија на морбили. Поразително е и тоа што во 21 век укажеме на неопходноста и важноста од имунизацијата на населението за заразните болести кои беа искоренети или имаше само спорадични случаи. Се надевам дека со потпишување на овој документ и застапување на целите кои се истакнати во текстот на самата Декларација, ќе постигнеме позитивен исчекор во враќањето на довербата на граѓаните во медицинските достигнувања и научни факти“, изјави проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарска комора.

 

Таа истакна дека натамошниот пад на опфатот со вакцинација на децата би довел до значителни последици по здравјето на нацијата и затоа е неопходно да се обезбеди најширока јавна поддршка за вакцинацијата и континуирано да се работи на едукација на граѓаните за улогата и придобивките од имунизацијата за здравјето на луѓето, преку обезбедување информации засновани на научни факти.

 

Во Декларацијата за поддршка на вакцинацијата се наведува дека „имунизацијата и вакцините се едно од најголемите достигнувања на човештвото и ниту една друга медицинска интервенција не спасила повеќе животи. Се потенцира и дека дистрибуцијата на непроверени информации за вакцинацијата шири неоправдан страв кај родителите, што доведе до алармантен пад на бројот на вакцинирани деца.

 

„За жал, сведоци сме на објавување лажни вести и дезинформации во секој сегмент од општеството, но дезинформациите кога е во прашање здравството можат да бидат опасни по живот. Оттаму, неопходно е заеднички да работиме на подигнување на нивото на здравствена едукација кај населението, имајќи предвид дека многу болести се превенирани токму поради вакцинацијата. Со потпишување на заедничката Декларација формираме поширок фронт за поддршка на вакцинацијата, одржување континуитет на активностите и потенцирање на важноста на имунизацијата. Наша заедничка цел е заштита и унапредување на здравјето на граѓаните и само заеднички – со здравствената фела можеме да ја реализираме оваа цел“, истакна министерот за здравтво д-р Илир Демири.

 

Декларацијата ја потпишаа и претседателите на Стоматолошката и Фармацевстката комора, д-р Маријан Денковски и дипл.фарм Весна Ставрова, деканите на трите медицински факултети во Скопје, Штип и Тетово, проф. д-р Светозар Антовиќ, проф. д-р Милка Здравковска и проф. д-р Невзат Елези, како и директорот на Институтот за јавно здравје проф. д-р Шабан Мемети.

Back to top button
Close