Став на претседателскиот кандидат Пендаровски за избор на претседател на државата во Собрание

Откако вчера вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби соопшти дека условот за поддршка во вториот круг од претседателските избори е прифаќање на програмската определба на ДУИ, шефот на државата да се избира во Собрание, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска упатија прашање до СДСМ и неговиот претседателски кандидат Стево Пендаровски, дали овој услов е прифатлив за нив.

Од ВМРО-ДПМНЕ повикаа СДСМ и Пендаровски јасно да кажат дали ќе прифатат претседател да се бира во парламентот наместо директно од народот.
Артан Груби го испорача условот на ДУИ, тој кажа дека услов за коалиција и поддршка во втор круг е ДУИ да добие ветување за избор на претседателот на државата во собранието од наредните избори. Стево Пендаровски како слуга, поддржувач и човек што се восхитува на Али Ахмети да каже дали за него е прифатлив овој услов за поддршка во вториот круг. Пендаровски и СДС јасно да кажат дали ќе прифатат претседател на државата да се бира во Собранието, наместо директно од народот? Наместо да бега од одговори, очекуваме јасен став од Пендаровски, колку и тоа да е тешко за него. Едноставно е, ќе го прифати или не условот на Артан Груби и ДУИ претседател на државата да се бира во Собранието“,
прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од изборниот штаб на Пендаровски, пак, кратко одговорија:

„Пендаровски се има изјаснето на оваа тема. Прашањето е дали ДПМНЕ го промениле ставот?“.

Инаку претседателот Стево Пендаровски, својот став за идејата шефот на државата да се бира во Собрание, наместо на избори, го искажа кога ја поднесе кандидатурата за втор мандат. Тој тогаш рече дека далеку е подобро да имате претседател кој е независен во однос на политичките субјекти, па и во однос на економските центри на моќ кога сте избирани на општи избори, отколку кога сте избирани во парламент.

„Знаете дека во неколку наврати бев во директна колизија со ставовите на тогашната владејачка партија. Ако бев избран во парламент, дури и со квалификувано мнозинство, ќе бев сменет истото пладне. На Македонија и е потребна една независна институција која може да биде баланс, не само според надлежностите, туку и според она што јавно го изјавува. Мора да постои една морална вертикала која дури и на оние што го предложиле и го гласале ќе им каже – до тука“,
рече тогаш Пендаровски.
Груби вчера во интервју за Сител, прашан на кого ДУИ ќе ги даде гласовите во вториот круг од претседателските избори ако нивниот кандидат Бујар Османи отпадне во првиот, рече дека услов за тоа е претседателот на државата во иднина да се избира во Собранието.

Back to top button
Close