Со вакцина против зависноста од кокаин

Потрошувачката на кокаин е на рекордно високо ниво. Според податоците на ОН, во 2021 година околу 22 милиони луѓе ја конзумирале таа дрога. Во однос на фреквенцијата на употреба, таа е на второ место по канабисот.

Во Европа кокаинот најмногу го користат Германците. Ова го покажуваат анализите на отпадните води.

 

Станува збор за дрога која предизвикува голема зависност и ги оштетува виталните органи. Конзумирањето го доведува кардиоваскуларниот систем до граница на оптоварување, што може да се спореди со нон-стоп маратонско трчање. Одвикнувањето е исто така голем физички и ментален товар. Сега, истражувачите во Бразил работат на серум кој треба да ја поддржи терапијата за одвикнување.

 

Како делува кокаинот?

Повеќето корисници вдишуваат кокаин во форма на прав – преку ноздрите. Алтернатива е пушењето со помош на луле. Супстанцијата стигнува до мозокот преку крвта. Таму предизвикува лачење на разни супстанции за пренос на информации, меѓу кои и допамин. Се јавува чувство на интензивна еуфорија.

Телото станува хиперактивно и раздразливо. Срцето пумпа крв со полна сила, артериите се стеснуваат. Крвниот притисок и телесната температура се зголемуваат. Потребите како глад и жед стануваат ирелевантни. Во најлош случај може да заврши со грчеви, кома или со престанок на дишење или чукање на срцето.

Екстазата трае помеѓу 5 и 30 минути. „Се создава чувство како на сите семафори да е вклучено зелено светло“, вели Ханспетер Екерт, терапевт во здружението за третман на зависност од дрога во Берлин.

Мозокот памети: ова беше интензивно, убаво. Сакам да го доживеам повторно! Телото ја памети консумацијата како елемент важен за преживување. Со мислите доминира желбата да се земе уште кокаин. Внатрешните гласови кои предупредуваат на последици стануваат сè потивки. Човекот почнува да го занемарува своето здравје, социјалните контакти и работата. Се појавува зависност.

 

Вакцина против зависност – решение?

Вакцинацијата против кокаин може да помогне во лекувањето на оваа зависност. По вакцинацијата, во крвта се создаваат антитела. Тие се врзуваат за кокаинот. Се создаваат формации кои поради нивната големина не можат да поминат низ крвно-мозочната бариера. Тоа значи дека мозокот не може да се стимулира. Ниту во дрогирана состојба.

На тој начин се спречува реакцијата на мозокот што предизвикува желба повторно да се земе дрогата. Поради ова, пациентот различно ја перципира дрогата, изјави за ДВ Фредерико Гарсија од бразилскиот универзитет УФМГ. Неговиот истражувачки тим спроведе експерименти на стаорци.

Гарсија верува дека резултатите постигнати кај животните би можеле да се постигнат и кај луѓето. Тоа ќе биде првиот серум за вакцина против кокаин што ќе се користи во терапија.

На вакви серуми работат и истражувачки тимови во САД. Во моментов, сè уште нема клинички студии со луѓе, така што не е сигурно кога – и дали – ќе се појави вакцина.

 

Дали вакцината може да ја спречи зависноста?

Терапевтот Екерт ја поздравува идејата. Ако нема екстатична состојба, главата се смирува. Телото може да се отргне од постојана иритација. Пациентот може да доживее позитивно искуство и да каже: доброто чувство доаѓа од мене – не од дрогата.

Екарт сепак е и скептичен, бидејќи терапијата е тежок потфат. За терапија е потребна најмалку една година. Зависниците учат како да го разберат своето тело и психа. Тие зборуваат за своите чувства и проблеми – и мора да донесат тешки одлуки. Кои пријатели да ги избегнувам? Како ќе ја поднесам болката? Во овие процеси, тие постепено добиваат поголема контрола врз своите животи.

Вакцината не е наменета за превенција или за луѓе кои само повремено користат кокаин. Екерт предупредува дека постои ризик од предозирање со дрога кај вакцинираните лица, бидејќи поради серумот таа не делува.

Марика Фери од Европската канцеларија за дроги и зависност од дрога има и други резерви: „Самата супстанција не е изолиран проблем.“ Тоа што веќе не се зема кокаин не значи дека сите проблеми автоматски се решени. Телото мора да заздрави, исто како и психата. Терапијата се грижи за психата и социјалната средина. „За тоа е потребно време“, вели Фери.

Таа сака посеопфатни решенија – оние кои би можеле да им помогнат на што е можно повеќе луѓе. Како експерт за јавно здравје, Фери вели дека вакцинацијата е само за мал дел од луѓето кои веќе се на терапија.

(dw)

Back to top button
Close