(ВИДЕО) Еруптираше индонезиски вулкан, луѓето евакуирани

Најмалку 800 луѓе се евакуирани во индонезиската провинција Северен Сулавеси по повеќекратните ерупции на тамошниот вулкан Руанг, кој со денови исфрлаше лава и облаци од пепел, соопшти денеска државната вулканолошка агенција.

Вулканот, кој се наоѓа на островот Руанг, на околу 100 километри од главниот град на провинцијата Манадо, еруптираше повеќе од три пати од вторникот. Властите го подигнаа нивото на тревога на второто највисоко ниво по зголемената активност, рече Херунингтјас Деси Пурнамасари, службеничка во Центарот за вулканологија и ублажување на геолошките опасности во Индонезија (ПВМБГ).

Ерупцијата на Руанг беше предизвикана од неодамнешните земјотреси на островот, при што планината исфрли опасни и „експлозивно жешки облаци“ високи до 1,8 километри на небото, рече таа.

„Мораме да го евакуираме островот бидејќи предвидуваме дека може да има уште ерупции. Никаква активност не е дозволена на четири километри од кратерот“рече Пурнамасари.

Снимките покажуваат потоци од црвена лава како течат по планината и облаци од сива пепел над кратерот. Островот Руанг е дом на околу 838 жители, од кои повеќето сега се евакуирани на најблискиот остров Тагуландан, рече Херунингтјас.

Индонезија се наоѓа на таканаречениот „Пацифички огнен прстен“, област со висока сеизмичка активност која се наоѓа над повеќе тектонски плочи.

 

Back to top button
Close