Разновидна исхрана за правилен развој на детскиот мозок

Храната што децата ја јадат влијае на нивниот развој, но и на развитокот на врските во нивниот мозок, објави списанието „Педијатрикс“ (Pediatrics).

Насоките на Американската академија за педијатрија (ААП), ги наведуваат протеините, цинкот, железото, фолатите, одредени витамини и незаситените масни киселини како најважни хранливи материи за бебето. Имено, исхраната во којашто недостасуваат овие хранливи материи може да доведе до доживотни последици во работењето на мозокот. Д-р Сара Џејн Шварценберг од Комитетот за исхрана на ААП вели дека се препорачува доењето да трае до околу шестмесечна возраст. После тоа, мајчиното млеко не ја обезбедува доволната количина железо и цинк што им е потребна на бебињата кои растат.

– И друга храна за бебиња е збогатена со цинк и железо, но пасираното месо е добар природен извор на овие хранливи материи. Житарките за доенчиња исто така се збогатени со овие хранливи материи и можат да бидат добра прва храна за бебињата, појасни д-р Шварценберг.

Кога ќе потпорасне, најдобра исхрана за едно дете е онаа разновидната – со малку месо богато со протеини, но и овошје и зеленчук коишто содржат разни и различни витамини и минерали.

– Доенчињата се многу чувствителни на недостаток на хранливи материи. Нивниот мозок се развива со висока стапка меѓу првата и втората година, така што педијатрите треба да препорачаат здрава палета на храна, додава лекарката.

Истражувањата покажуваат дека раната здрава исхрана е важна за развој на здрав мозок. Ако тоа се одложи, има помала можност за надоместување на изгубеното време потоа, според стручњаците.

Back to top button
Close